Македонија
Министерството за енергетика поведе 17 постапки за наплата на долгови од 32,8 милиона денари
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници, соопшти министерката за енергетика рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
„За првпат, воспоставуваме системски пристап со кој државата активно се брани во сите постапки и истовремено се покренуваат нови тужби за наплата на долгови од должници. Во изминатите години државата била оставена без активна правна заштита – не биле оспорувани клучни докази, не биле преземани мерки за застареност на побарувањата и не биле бранети државните позиции. Министерството го менува тој пристап: активно се вклучува во секоја судска постапка, бара стручни вештачења, ја координира одбраната со Владата, иницира постапки за наплата на долгот на државата. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и ставаме ред во правните постапки“, вели Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со превземањето на надлежностите затекна шест судски предмети по поднесени Тужби за вкупна вредност од 421.862.824,00 денари, поднесени против Министерство за Економија.
„Правниот сектор при МЕРМС, уште при превземање на предметите изврши увид во истите и зема учество во судските постапки преку превземање на правни дејствија. Веќе има конкретни резултати: две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари се одбиени, со што буџетот е заштитен од огромни трошоци, а вкупната вредност на предметите против Министерството е намалена од 421,8 милиони на 106,8 милиони денари“, рече Божиновска.
Секторот за правни работи при увидот во преземената документација утврдил дека воопшто нема поднесени тужби против должници (физички и правни лица) за наплата на долг кој произлегува од неплатен надомест. Сепак, во соработка со Секторот за минерални суровини, беше констатирано дека постојат повеќе застарени побарувања по основ на концесиски надомест, како и побарувања за неплатен концесиски надомест за кои не се поведени судски постапки, а има основ државата да бара исплата.
„Министерството покрена 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди. Истовремено на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, од кои веќе има позитивна пракса за одбивање на тужби и предлози за времена мерка“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

