Македонија
Министерството за здравство, Израел и ФИТР потпишаа договор за здравствената заштита
Министерството за здравство, Израел и Фондот за иновации и технолошки развој, денеска во Владата потпишаа трипартитен договор, во областа на здравствената заштита. Договорот носи стратешки план за соработка во областа на здравствената заштита, а целта е промоција и имплементација на иновации и развој во областа на здравството.
„Со овој навистина плоден договор ќе се овозможи дејствување во повеќе области, како што се: тренинг на здравствени работници за итна медицинска помош, едукација во областа на биоинформатика, биостатистика и клинички испитувања. Едукација и размена на експерти од сферата на трансплантација и ехо, со што веќе имаме прелиминарен договор со болницата Рабин центар во Тел Авив за време на нашата посета, како и Универзитетот Бар Илан за размена на наши доктори и експерти, кои ќе одат и престојуваат во тие болници и ќе учат од врвни експерти од областа на трансплантацијата. Станува збор за опрема и материјали со кои ќе се подобри енергетска ефикасност на болниците. Сè што му е неопходно на здравствениот систем во Македонија“, истакна министерот Филипче.
Министерот Филипче во своето обраќање додаде и дека ќе се спроведе ефективна здравствена едукација, соработка помеѓу универзитетите на Република Македонија и државата Израел, едукација за здравствен персонал во повеќе иновативни области, како и набавка на опрема, но и помош во вид на донација од израелската страна за здравствените установи во Битола и Скопје.
За овој договор се обезбедени 100 илјади долари од Фондот за иновации и технолошки развој и 104 илјади долари од Министерството за надворешни работи на Израел, а истите преку израелска амбасада во Македонија ќе се искористат за спроведување на овој договор и стратешки план.
„Среќен сум што се наоѓаме на место од коешто ќе почнеме одлична соработка во областа на здравството. Се надевам дека побрзо ќе почнеме со активностите. За нас, во здравствениот сектор ние гледаме многу различни потенцијали. Потенцијалот за стратешко партнерство во здравствениот сектор е огромен“, рече амбасадорот Ориан и додаде дека е среќен што ќе почнат соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, информираше дека овој меморандум за соработка ќе отвори врата за влез на иновации и развој во многу значаен сегмент, а тоа е јавното здравство.
„Со овој меморандум се отвора врата за примена на иновации во јавното здравство. Клучен партнер ни е државата Израел како една од водечките нации на полето на иновации на глобално ниво. Сакаме да го искористиме потенцијалот на преку 1400 компании и организации од оваа земја кои работат на развој и примена на иновации во здравството и биотехнологијата и нивното искуство и експертиза да им го пренесат на македонските колеги. Примената на иновации во јавниот сектор ќе придонесе кон негова поголема ефикасност, но и зголемен квалитет на услугите“, потенцираше директорот Деспотовски.
Првиот дел од овој проект се реализира преку донација од 48 специјални колички за деца, кои изминатиов месец беа донирани од израелската амбасада низ јавните здравствени установи во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.
Македонија
СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС да престанат да се однесуваат како хиени и чим дознаат за нечија смрт, да им се јавува павловиот рефлекс, и да се радуваат над нечија тажна судбина како што е случајот со новороденчето на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство. Тоа е важната разлика помеѓу оваа и претходната влада. Не е во ничиј интерес да се сокрие било што. Наместо сочувство до семејството, СДС прави политика од смртта на новороденчето. Тоа е за секаква осуда“, велат од партијата.

