Македонија
Министерството за образование и средношколците се договорија за државната матура

Министерството за образование и наука известува дека е прифатливо компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци.
Од МОН велат дека предложениот модел е во интерес на сите матуранти, а Северна Македонија го задржува стандардот од четири испити (два екстерни и два интерни) и ниту еден матурант нема да биде оштетен.
„Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура. Министерството за образование и наука во соработка со Матурскиот одбор навремено ќе ги информира матурантите за направените промени со цел успешно да се подготват за престојното полагање на испитите“, велат од МОН.
Исто така, додаваат од таму, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.
„Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме. Министерството за образование и наука продолжува посветено да работи на создавање на квалитетно образование коешто е во интерес на учениците“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.