Македонија
Министерството за правда почна постапка за екстрадиција на двајца обвинети во „Монструм“
Од Министерството за правда до Основниот суд Скопје 1 утрово пристигнало писмо со известување дека и официјално е започната постапката за екстрадиција на двајцата обвинети во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се наоѓаат во Косово.
Во мај судењето за „Монструм“ почна од почеток, откако предметот го презеде специјалното јавно обвинителство. Обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро што се случи на 12 април 2012 година, беа осудени на доживотни казни затвор за потоа Врховниот суд да утврди серија пропусти во водењето на постапките и да ги укине пресудите. Највисокиот суд ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост, односно да не смеат да го напуштат градот во кој живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1.
По Алил Демири и Африм Исмаиловиќ имаше распишано меѓународна потерница. Тие со години се во бегство во Косово. Тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција бидејќи тврдеа дека не биле доставени доволно докази што укажуваат на нивна вмешаност во случајот.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

