Македонија
Министерство за животна средина ги демантира информациите за согорувањето на опасен отпад
Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина во врска со информациите за увоз, складирање и согорување на опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитот на воздухот, што во изминативе денови интензивно се објавуваат од одредени медиуми, ја информира јавноста дека станува збор за шпекулации и невистини.
Нивниот демант го објавуваме во целост.
„Од таа причина важно е граѓаните да знаат дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 година каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање. Дополнително, Законот се базира на меѓународните прописи кои се однесуваат на пратките на отпад (вклучително и барањата на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасниот отпад чиј што потписник е и Р.С. Македонија).
Оттука, уште еднаш им нагласуваме на граѓаните дека, согласно постоечката законска регулатива во РСМ, е забранет увоз на отпад заради депонирање или складирање. Дозволен е увоз на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола издадена од МЖСПП. Отпадот кој се увазува во РСМ е главно отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори (видови на отпад за кои постојат преработувачки капацитет во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи).
МЖСПП најодговорно тврди дека не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање.
Исто така, нагласуваме дека ниту една италијанската компанија, ниту било која друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад. Имено, сите нестандардни депонии во Република Северна Македонија, кои се користат за отстранување на комуналниот и други видови неопасен отпад се оперираат од страна на општините, преку јавните комунални претпријатија. При тоа, МЖСПП одговорно тврди дека нема издадено концесија за ниту една нестандардна депонија во РСМ, а шпекулациите дека 20 депонии се издадени под концесија се комплетно невистинити.
Исто така, на нив досега не е евидентирано горење на отпад, освен случаи со опожарување на самите депонии.
Во однос на санитарната депонија Дрисла, во правниот субјект се вршени редовни, вонредни и контролни надзори од формирањето на Инспекторатот во 1996 година до денешен ден и во текот на повеќе трансформации на правниот субјект. Изречени се и повеќе санкции за различни законски повреди за опожарување, истекување на депониски исцедок во река, од кои последната се однесуваше за надминување на граничните вредности на емисии при согорување во печката и тоа за еколошкиот параметар јаглероден моноксид (CO), а не за партикуларни честички (PM). Сосема е друга темата за ружата на ветрови и влијанието на овој правен субјект врз квалитетот на воздухот во Скопје со оглед дека истиот локациски е 14 км југоисточно од главниот град, а треба да се елаборира релацијата на метео- условите во скопската котлина и надвор од неа. Од страна на Државниот Инспекторат за животна средина со решение правниот субјект беше задолжен за поставување нов филтер, што беше и сторено со поставување на новиот филтер-воден скрубер.
Правниот субјект нема ниту услови, ниту дозвола за согорување на радиоактивен отпад, која пак област е во делокруг на надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност. Правниот субјект Дрисла реализираше и индикативни мерења на ниво на доза на радијација на самата локација, како и мерења на неколку еколошки параметри во амбиенталниот воздух со Факултетот ФИНКИ.
МЖСПП води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РМ и истиот е
достапен на www.moepp.gov.mk МЖСПП / Документи / Регистри“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

