Македонија
Министерството за правда: Законот за Јавното обвинителство е без скриена амнестија
Законот за Јавното обвинителство е еден од клучните закони преку кој ќе се цени спремноста на нашата држава да создаде правна основа за сериозна борба против криминалот и корупцијата, тврди Миистерството за правда.
Според нив, донесувањето на овој закон ќе биде еден од најважните критериуми за донесување одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Донесувањето на овој закон е дел од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, во која се дадени рамките и основите на реформата во оваа област. Заради исполнување на обврските од Стратегијата, Министерството за правда во април 2018 година отвори процес на подготовка на Законот за Јавното обвинителство. Работната група составена од јавни обвинители, судии, домашни и странски експерти изработи законски текст кој на 4 декември 2018 година беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Паралелно со него беше објавен и посебен Закон за СЈО, кој ги отсликуваше ставовите на СЈО.
„Поради транспарентност на процесот, двата закона беа објавени и се очекуваа коментари за нив. Беа организирани и работилници на кои се дискутираа одредени решенија содржани во двата законски текста. Двата текста беа дебатирани и на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор со цел да се слушнат мислењата за решенијата содржани во нив. Во целиот процес, сите, вклучувајќи ги и невладините организации, можеа да дадат сопствени ставови, коментари и предлози за подобрување на законскиот текст. Изготвените законски решенија беа испратени и до надлежните институции, кои исто така се произнесуваа по нив.
Правилата за објава на законските текстови на ЕНЕР беа целосно почитувани од причина што врз основа на коментарите и мислењата што стасаа од сите заинтересирани беа земени предвид при конечното формулирање на законскиот текст“, се вели во соопштението.
Според Министерството, во согласност со правилата, текстот на законот може да се менува и на самата владина седница и не е предвидено секоја измена што се работи во министерствата да биде објавена на ЕНЕР.
„Всушност, тоа е и поентата, врз основа на коментарите на најшироката јавност, на која законот ѝ се прави достапен преку ЕНЕР, да се изработи конечниот текст што ќе биде пуштен во собраниска процедура. Свесни сме дека Законот за Јавното обвинителство допира разновидни, спротивставени интереси и тоа можеше да се види не само во рамките на работната група туку и во коментарите на пошироката јавност, како од експерти, новинари, претставници на невладини организации така и од претставници на политичките партии.
Клучната цел на Министерството за правда е овој закон да создаде одржлив систем со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот и корупцијата, систем што нема да содржи скриена амнестија, ниту можност кој било да ја избегне правдата. Министерството за правда во неколку наврати укажа дека еден од клучните предизвици е разграничувањето на надлежноста меѓу СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Решението што е предложено е на линија на предлогот содржан од работната група составена од обвинители, судии, експерти. Во периодот на објава на законот на ЕНЕР од невладините организации не стаса каков било поинаков предлог за измена на овие одредби.
Законското решение усвоено од Владата содржи гаранции за автономијата и функционалноста на СЈО и тоа беше едно од прашањата што се дебатира и од аспект на уставност и целисходност. Ставот на Министерството за правда беше дека гаранции за капацитетно вршење на функцијата од страна на СЈО треба да бидат и се содржани во текстот на законот. Користењето на бомбите е едно од прашањата за кое укажавме дека е посебен предизвик за постигнување согласност од 2/3 од пратениците во Собранието. По опсежни консултации дали исклучувањето на користењето на аудиоматеријалите во постапките може да го наруши процесот на докажување вина во судските постапки, превагна ставот дека нивното користење само како индиции нема да им наштети на постапките што ги води СЈО, а значајно беше да се зачува валидноста на материјалните докази прибрани досега врз основа на аудиоматеријалите.
На крајот, ги повикуваме сите што може да понудат подобри решенија за измени и дополнувања на законот, да ги испратат до Министерството за правда во што побргу со цел да може да се интервенира за подобрување на текстот во текот на постапката во Собранието. Би било корисно сите забелешки да бидат придружени со конкретни предлози за подобрување на текстот. Потсетуваме уште еднаш дека услов за отворање преговори со Европската Унија е носењето на Законот за Јавното обвинителство во кој СЈО ќе добие основ за трајно постоење во правниот систем на нашата држава, продолжување на постапките што тоа ги води – закон без скриена амнестија“, соопшти Министерството за правда.
Граѓанските организации – Хелсиншкиот комитет за човекови права, коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Македонското здружение на младите правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европска политика и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, кои се дел од групата на организации „Блупринт“, фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

