Македонија
Министерство за правда: По вчерашниот напад во „Идризово“, осудениот Б.Ј. на преглед во Клиника за абдоменални болести
„Во врска со настанот што се случи вчера во Казнено-поправниот дом Идризово, Управата за извршување санкции ве иформира дека на 20.10.2022 година околу 15:30 часот, на шеталиштето каде што слободното време за прошетка на отворено го користат осудените лица кои се со затворен третман, две осудени лица со иницијали Т.М. и О.А. физички ги нападнале осудениот Б.Ј и друго осудено лице кое шетало со него, нанесувајќи удари во телото и главата“, се вели меѓудругото во соопштението од Министерството за правда.
Оттаму информираат дека „веднаш било интервенирано од страна на припадниците на затворската полиција кои го обезбедуваат шеталиштето, а осудените лица биле разделени. Двете осудени лица врз кои е извршен нападот веднаш биле спроведени во затворската амбуланта за укажување помош, а била повикана и екипа на итна медицинска помош која препорачала да бидат прегледани и во Клиничкиот центар – Скопје по што биле спроведени.
„Во вечерните часови осудените лица дале писмена изјава за нивното видување на настанот. Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност. За овој настан, службени лица од Управата за извршување на санкциите ќе извршат и вонреден надзор на установата со цел да се утврди фактичката состојба. Во текот на денешниот ден осудениот Б.Ј. е спроведен и на дополнителен преглед во Клиниката за абдоменални болести“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ е на раб на исчезнување по изборното цунами, велат од ВМРО-ДПМНЕ и го повикуваат Филипче да си поднесе оставка
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оцени дека Социјалдемократскиот сојуз доживеал изборно цунами на локалните избори и дека партијата, под водство на Венко Филипче и под, како што велат, менторство на Зоран Заев, е на праг да биде избришана од политичката сцена во државата.
Според соопштението, СДСМ – партијата кога важела за најголем политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ, сега е трета партија на државно ниво, а во рамки на градот Скопје – петта.
„Овој историски дебакл има име и презиме – Венко Филипче, кој поразот го претставува како успех, а под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Филипче не се дистанцирал од Заев и неговите политики и дека партијата и натаму функционира под негово диригенство.
Во соопштението се наведува дека СДС на локалните избори освоил 126 илјади гласа и околу 230 советнички места, победувајќи во шест општини, при што ги изгубил повеќето градови каде што традиционално доминирал.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека народот ја казнил безидејноста и аздисаноста и оти во партијата нема реформи, туку се прават обиди за спас на Филипче и прикривање на вистинскиот виновник.
Во заклучок, партијата наведува дека е потребна итна оставка на Венко Филипче и целосна промена во врвот на СДС, бидејќи, како што се додава, на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет.
Македонија
„Влен“: Ја симнавме маската на оние што со години го сметаа албанскиот глас за своја лична сопственост
„Албанците не паднаа во замката на „референдумот“ што ДУИ/НАИ, со Ахмети, Таравари и Села, се обидоа да го продават како некакo политички спас. Таа манипулативна кампања, изградена врз лаги и лажен патриотизам, се урна пред волјата на Албанците кои јасно го кажаа својот збор. Со освоени десет општини, ВЛЕН им го одзеде алибито и им ја симна маската на оние што со години го сметаа албанскиот глас за своја лична сопственост“, велат од „Влен“.
„Сега бараат виновници на сите страни, само не кај себе. А како врв на апсурдот се обидуваат Блерим Беџети да го прикажат како симбол на „промената“. Тоа е вистинското лице на ДУИ, партија која дури и во пораз не е способна да се соочи со реалноста.
Говорат за „анализа“ и „реформа“, но ДУИ не може да се реформира, затоа што никогаш не ја разбра суштината на тој збор. За нив, власта никогаш не била средство за служба на народот, туку кислород за преживување. А сега, кога власта им се излизга од рацете, тонат во паника и самозалажување.
Додека тие тонеат во сопствената криза, ВЛЕН оди напред со довербата на граѓаните, со чисти раце и со политика што му служи на народот, а не на лични интереси“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Пронајдено безживотно тело на млада жена во Тетово, Обвинителството изврши увид
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово вчера изврши увид на лице место на локацијата каде беше пронајдено безживотно тело на млада жена, како и во изнајмениот стан во кој таа престојувала.
„Се преземаат сите дејствија за испитување на причините за смртта со детални проверки и вештачења на местото, иако првичните сознанија и траги на лице место не упатуваат дека смртта е резултат на кривично дело.
Сепак, наредена е обдукција, ќе се вршат распити на повеќе лица, а обвинителството и сите истражни органи интензивно постапуваат за испитување на причините“, соопшти Обвинителството.

