Македонија
Мирчески: Парите за „Македонско село“ граѓаните ќе ги враќаат 150 години

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, денеска во изјава за медиумите кажа дека остварил средба со претставниците на менаџментот на „Тинекс“ и „Квинс хотел“, кои стопанисуваа со комлексот „Македонско село“. Тие пред него го повториле ставот дека еднострано го раскинуваат договорот за комплексот бидејќи работењето било исклучиво со загуба.
„Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од договорот, а тоа подразбира активирање на гаранцијата за квалитетно извршување на договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43 000 евра и подмирување на киријата за следните 6 месеци“, рече Мирчески.
Тој нагласи дека комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Република Македонија, односно проект донесен од претходната Влада со потпис на експремиерот Никола Груевски. При тоа, како што рече, од парите на граѓаните за оваа инвестиција биле издвоени 6.5 милиони евра, со цел комплексот да биде ставен во функција.
„Ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3 500 евра и дека во овој момент се утврдува дека истата е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека државата и граѓаните ќе си ги повратат вложените средства, по 150 години. Не сакаме да навлегуваме во тоа што сè би можело да се изгради или направи за интересите на граѓаните со овие 6.500.000 евра“, додаде Мирчески.
Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија најави дека на следната седница на Владата ќе достави информација за целосната постапка која произлегува од новонастанатата состојба. Понатаму Владата ќе донесе одлука за натамошно постапување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.
Македонија
141 болни и немоќни лица ќе гласаат на 18 октомври

Општинската изборна комисија во Битола претпладнево на седница утврди 141 болни и немоќни лица кои ќе гласаат на 18 октомври.
Претседателот на ОИК Битола Талевски истакна дека пријавувањето на лицата заврши синоќа, а ОИК Битола претпладнево ги потврди домашните адреси на сите болни и немоќни лица.
-Во законски определениот рок до ОИК Битола пристигнаа 151 апликација за гласање ден порано, односно на 18 октомври. Ние, членовите на ОИК Битола ги разгледавме сите барања и утврдивме дека право на глас во домашни услови имаат 141 болно и немоќно лице. За сите нив ќе ги обезбедиме законските услови за непречено гласање, изјави Талевски.
Од ОИК Битола информираа дека в сабота на 18 октомври ќе биде организирано гласање во старските домови и затворот во Битола.
-Новина оваа година е што освен во старски дом „Сју Рајдер“ ќе се гласа и во старски дом „Софија“. Во старскиот дом „Сју Рајдер“ право на глас имаат 60 стари лица, додека во старскиот дом „Софија“ ќе гласаат 37 лица. Според вообичаената пракса, в сабота на 18 октомври ќе се гласа и во битолскиот Затвор, посочи Талевски.
Како што е познато на овие локални избори во Битола конкурираат 8 кандидати за градоначалник и 16 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола.
Македонија
Лабудовиќ: Денес не зборуваме за политика, туку за човечност

Во рамки на активностите по повод октомври – месец на свесност за ракот на дојка, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, присуствуваше на настан во Градскиот парк, посветен на поддршка на жените кои ја водат својата најважна битка – битката за животот, стои во соопштението од ЗНАМ.
„Денес не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.
Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.
„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака: погрижете се за себе, животот е вреден,“ додаде тој.
Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен по неговата победа – „Центар – Здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.
Овој хаб ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство. Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.
„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.
Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.
„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.