Македонија
Мисајловски: Чаирчани со години се изолирани во работата на општината
На денешниот собир во општина Чаир се обрати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на ИЕ2 Владо Мисајловски, кој се заблагодари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Чаир за сета досегашна поддршка и за сиот ангажман сите години наназад во сите изборни кампањи и битки за Македонија.
„Теренските активности во општина Чаир укажуваат на тоа дека Македонците тука се чувствуваат како граѓани од втор ред, а тоа не смее да биде така. Тоа е појава која што се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е власт. Затоа по 15-ти јули оваа слика ќе мора да се промени. Граѓаните на Чаир долги години се изолирани во работата на општината и за нив административните работи не одат како за сите други жители. Документите за легализација на имотите се расфрлаат по општински канцеларии и работите не се завршуваат, само поради тоа што Македонците во Чаир не гласаат за ДУИ или за некоја друга партија. На сето тоа мора да дојде крај. Наместо да се реализираат огромен број на вработувања во општина Чаир и другите институции во оваа општина, треба да се вложува во безбедноста и сигурноста на граѓаните. Не смеат партиските агенди да се извршуваат врз грбот на граѓаните“, истакна Мисајловски.
Тој констатираше дека за жал на теренските активности се уверил во фактот дека Македонците се повеќе се иселуваат од Чаир и зградите се празни. Но, исто така порача дека Македонците колку и да се, овој пат ќе победат во Чаир и ќе се изборат за свои права, а не да бидат граѓани од втор ред во сопствена држава.
Мисајловски потенцираше дека на овие избори македонскиот народ треба да избере помеѓу вистински лидер како што е Христијан Мицкоски или да му ја даде довербата на човекот кој е предмет на потсмев на целиот свет, а последен пат објавен беше разговор со лажната Грета.
„Македонскиот народ треба да избере помеѓу Република Македонија или Зоран Заев. Албанскиот блок иако во недостиг на аргументи и проекти пропагира решение за премиер Албанец, сепак од тука, од Чаир порачувам дека ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека премиер на Република ќе биде Христијан Мицкоски и никој друг“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мисајловски беше дециден дека на населението во Чаир мора да му се даде огромно значење и да бидат на пиедесталот, поради тоа што се борат да опстанат во сопствена држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

