Македонија
(Видео) Митева: Владата купува луксузни алкохолни пијалоци за речиси 3 милиони денари

Владата на Ковачевски преку Службата за општи и заеднички работи во Владата (СОЗР) купува скапи и луксузни пијалоци за 2.950.000 денари, изјави на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Договорот за пијалоците, како што кажа Митева, бил склучен на 24 април помеѓу СОЗР и три економски оператори.
„Функционерите од СДС и ДУИ ќе имаат можност да пијат високо квалитетно вино, означено како Барик вино со контролирано потекло во пакување од 0.75 литри по цена од 2.293 денари. Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари. А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат Бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари. Додека болните од дијабет чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2.034 денари. Кога народот ќе купува поевтини тестенини, министрите и директорите на Ковачевски ќе наздравуваат со пенливо полуслатко бело вино од 1.331 денар“, рече Митева.
Опозициската партија најави дека во наредните денови ќе објавува документи како власта се луксузира на сметка на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно со подолги сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во недела ќе има продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето.
Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (10-15см).
Ќе дува засилен северен ветер (над 70км/ч) и температурите значително ќе опаднат. Во понеделник со засилен северен ветер наместа ќе провејува слаб снег. Потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.
Македонија
Ослободена од стапица мечка во Ресенско

Регионалниот ЦУК Битола, известува дека преку Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена пријава за заробено диво животно како последица од поставена криволовна замка во атарот на помеѓу селата Љубојно и Брајчино (Општина Ресен).
Пријавителот претпоставил во пријавата дека најверојатно се работи за мечка поради гласното рикање што се слушало во непосредна близина на мостот на Брајчинска Река.
„За оваа ситуација, од страна на ЦУК веднаш е известена Гранична полиција Маркова Нога, Полициска станица Ресен, Концесионерот – ловното друштво и други субјекти за понатамошно постапување. По интервенцијата на надлежните служби од Концесионерот -Ловното друштво, со присутен ветринар, од НП „Пелистер“ и од полицајци од МВР мечката е успиена и безбедно ослободена“, соопшти ЦУК.
Македонија
Средба Тошковски – Ходулин: Интензивна поддршка од ЕУ преку ИПА проектите за креирање полиција со европски стандарди

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на Европската унија, предводени од Стефан Ходулин, раководител на Одделот за соработка и Даница Стошевска, програм менаџер во канцеларијата.
На состанокот беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Од страна на господинот Ходулин беше изразено задоволство од постигнатото во рамките на веќе спроведените проекти кои се имплементираат во министерството и изрази надеж дека посветеноста ќе продолжи со ист интензитет.
Министерот Тошковски во име на Министерството за внатрешни работи и се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека истата е од исклучителна важност за министерството, и дека од наша страна ќе бидат обезбедени сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.
За време на состанокот исто така се разговараше и за идните проекти кои се дел од Националната ИПА програма за 2025 година и следниот период, по што заеднички беше донесен заклучок дека ќе се продолжи со интензивни активности во наредниот период со цел финализирање плановите и проектите како основа за идното програмирање и обезбедување на сите неопходни предуслови од страна на министерството за внатрешни работи и целосна посветеност во нивната подготовка.
Двајцата соговорници изразија уверување и подготвеност за продолжување на одличната соработка и во иднина.