Македонија
Митрески побара брзо решение на проблемот со возачките дозволи, ако е потребно, ќе закаже итна собраниска седница

Претседателот на Собранието на Република Северна Македнија, Јован Митрески, на денешната редовна координација, на која присуствуваат координаторите на пратеничките групи, го отвори прашањето за проблемот со возачките дозволи и ја нагласи потребата Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата што произлезе од примената на преспанскиот договор.
Како што соопштуваат од собраниската прес-служба, тој истакнал дека има најави оти пратеничките групи ќе достават разни предлози за законски измени поради што нагласи дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдобро решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, „а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале“.
Митрески најави дека уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Истовремено, претседателот Митрески информира дека ќе одржува ад хок-состаноци со координаторите на пратеничките група со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација.
Претседателот на Собранието побара од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно, ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
„Граѓаните да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши“: Тошковски во посета на Отсекот за оружје – Скопје и ОВР Гевгелија

Во рамки на денешните активности, министерот за внатрешни работи, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари посета на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје и на ОВР Гевгелија, при што одблиску изврши увид во тековното работење.
Посебно беше истакнато дека граѓаните од скопскиот регион, во споредба со останатите делови од државата, нешто подолго чекаат за издавање на одобренија и дозволи за оружје. Но, благодарение на соработката со судската власт, од денес е овозможена и електронска проверка во прекршочната евиденција на судовите. До вработените се дадени насоки во најкраток рок, хронолошки, да ги завршат сите преостанати проверки за лицата и да ги известат граѓаните за текот на постапките.
„Како резултат на макотрпната работа во изминатиот период, само оваа година низ државата се разгледани речиси 8.000 предмети – и од заостанатите од изминатите години и од новопристигнатите електронски барања. За споредба, она што е реализирано досега во 2025 година е четири пати повеќе од годишниот просек до 2023 година. Со новиот начин на работа се искоренува корупцијата во оваа област, која за жал беше многу изразена. Во таа насока, министерот апелира до сите граѓани да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во претстојниот период ќе се работи на надградба на дигиталната апликација, со што граѓаните ќе можат дел од доказите електронски да ги прикачат кон барањето, а единствено ќе биде потребно лично присуство само при подигнувањето на одобрението.
Министерот оствари работна посета и на ОВР Гевгелија, каде што со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот, кој е јужната порта на нашата земја и низ кој секое лето минуваат илјадници туристи.
Констатирано е дека безбедносната состојба е стабилна и дека во изминатиот период е забележано подобрување во речиси сите области на полициското работење.
„Цврсто верувам дека вистинската сила на полицијата лежи во партнерството, во блиската соработка со локалните структури и со самите граѓани. Само така можеме заеднички да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите“, истакна министерот.