Македонија
Митрески – Јуратовиќ: Силна поддршка од германскиот Бундестаг за македонскиот пат кон ЕУ
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска, оствари средба со делегација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, предводена од Јосип Јуратовиќ, претседател на парламентарната група за Југоисточна Европа (ЈИЕ). На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието на РСМ, Цветанка Иванова, како и германските пратеници Томас Хакер, заменик-претседател, и Штефан Браднер, член на групата за ЈИЕ во Бундестагот, и амбасадорката на Германија во земјата, Петра Декслер.
Митрески изрази задоволство од посетата на претставниците на Бундестагот, кои се во посета на некои од земјите од регионот и се заблагодари за поддршката од Германија на сите полиња, а особено на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и за полноправното членство во НАТО. Тој истакна дека Германија е меѓу најголемите трговски партнери на Северна Македонија и дека односите меѓу двете земји ги карактеризира долгогодишно пријателство и соработка. Беше искажана длабока и посебна благодарност за неодамна донесената резолуција во Бундестагот, со која се поддржува европската иднина на Северна Македонија и се оддава посебно признание на македонската култура, идентитет и јазик. Пратеникот Томас Хакер, како еден од иницијаторите на резолуцијата, истакна дека ова е редок случај кога Бундестагот издвојува на ваков начин една земја на посебно ниво, што јасно ја демонстрира силната поддршка за европската иднина на нашата земја.
Од германска страна беше особено потенцирана важноста од внатрешен парламентарен дијалог и национален конзесус, особено за прашања од стратешки интерес, како што е членството во евро-атлантските институции. Во тој контекст претседателот Митрески изрази очекување дека Северна Македонија до 2030 година ќе обезбеди полноправно членство во ЕУ. Тој посочи дека во изминатите години земјата се соочуваше со повеќе предизвици и блокади, но и дека покажа подготвеност за реформи и за исполнување на критериумите за членство во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.
На средбата беа разменети мислења за Берлинскиот процес, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј. Општ став беше дека со вклучувањето на парламентите во него се подига нивото на политичка соработка, со истовремено подобрување на информираноста на парламентарците за предностите содржани во потпишаните договори, кои потоа треба да се ратификуваат во националните парламенти.
Осврнувајќи се на поинтензивната парламентарната соработка на ниво на служби, генералната секретарка Иванова се заблагодари за помошта од Бундестагот за независно внатрешно собраниско обезбедување. На овој проект, кој е во рамките на Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската Конфедерација, веќе има предлози за конкретни законски решенија и ќе биде доставена донација на опрема за негова целосна реализација. На крајот, изрази очекување дека соработката ќе продолжи и во други области од заемен интерес.
Претседателот Митрески ги информира присутните и за обврските и надлежностите на Собранието во однос на претстојните парламентарни и претседателски избори во земјата.
На крајот на средбата, пратеникот Јуратовиќ, истакнувајќи дека Германија и натаму ќе ја поддржува Северна Македонија на сите полиња на патот кон ЕУ, посака мирен изборен процес во земјата, со, како што рече, полна одговорност кон македонските граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

