Македонија
Мицкоски: Владата ќе продолжи со поддршка на влашкиот јазик, културните манифестации и книжевноста
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски се обрати на настанот 23 Мај, Национален ден на Власите, во Македонски народен театар.
„Денес, стојам овде пред вас со длабока почит, одговорност и чувство на благодарност. Благодарност кон една заедница која со векови е дел од срцето на оваа земја, која со својата истрајност, трудољубивост и љубов кон татковината оставила неизбришлива трага во нашата историја, култура и идентитет“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешниот настан по повод 23 мај, Денот на влашката заедница.
Премиерот Мицкоски посочи дека влашката заедница е нераскинлив дел од македонската државност.
„Денес е 23 Мај – денот кога ја славиме влашката заедница како нераскинлив дел од македонската државност. Денот кога не само што оддаваме признание, туку и си ветуваме: дека никогаш нема да ја заборавиме вредноста што Власите ја имаат за оваа земја“, истакна тој и додаде:
„Историјата на Власите во Македонија е историја на достоинство. Историја на луѓе кои, и кога било најтешко, не се повлекле. Историја на луѓе кои секогаш работеле – за своети семејство, за својата заедница, и за Македонија. Не смееме да заборавиме и на улогата на Власите во прогласувањето на Крушевската Република. Не смееме да ја спомнуваме борбата за слобода без да го изговориме со почит името Питу Гули. Не смееме да го игнорираме огромниот придонес на влашките интелектуалци, уметници, просветители. Денес и понатаму, тие се присутни во науката, уметноста, медицината, правото, образованието.
Благодариме за сè што сте вложиле во оваа земја. Благодариме за тоа што, во времиња на промени, на кризи, на неправди, вие не се откажавте. Останавте и продолживте – со достоинство, со трпение, со љубов.“
Мицкоски рече дека Власите со својата истрајност, се пример како се чува идентитет без да се затвори срцето.
„Живееме во време на тешкотии. Време кога економијата се бори со глобални притисоци. Кога социјалната правда сè уште не ја достигнува секоја фамилија. Кога младите често бараат шанса во туѓина. Кога недовербата, поделбите, разочарувањата го разјадуваат ткивото на нашето општество.
Но токму во вакви времиња, се покажува силата на еден народ. Се покажува кои сме – не по имиња, туку по карактер. Не по декларации, туку по дела.
Власите, со својата истрајност, се пример како се чува идентитет без да се затвори срцето. Пример како се сака Македонија без да се заборави својата посебност. Пример како се живее во заедништво, а не во поделба. Време е сите заедно – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци – да го направиме следниот чекор. Да создадеме општество што не само што зборува за еднаквост, туку ја живее. Да создадеме држава во која секој граѓанин – без разлика на јазикот, религијата или етничката припадност, ќе се чувствува свој на своето“, вели Мицкоски.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со поддршка на влашкиот јазик, поддршка на културните манифестации и книжевноста.
„Власите со векови живеат со другите – не покрај, туку заедно. Тоа е училиште за соживот. Тоа е модел кој денес на сите ни треба. И затоа, како Влада, кажуваме јасно:
– Ќе продолжиме со поддршка на наставата на влашки јазик.
– Ќе ги помагаме културните манифестации и книжевноста.
– Ќе вложуваме во младите Власи – нивното образование, нивните идеи“, изјави тој.
Премиерот Мицкоски нагласи дека Власите се составен дел од ова општество и додаде дека секој јазик е мост, а секоја традиција богатство.
„Да се бориме заедно за заеднички живот и заеднички победи. Власите се составен дел од ова општество. Вашиот глас е потребен. Вашата приказна е заедничка приказна. Вашите обичаи се наше културно наследство. Секој јазик е мост. Секоја традиција е богатство. И тоа го знаеме и чувствуваме денес, гледајќи како се веат и македонското и влашкото знаме – не еден спроти друг, туку еден покрај друг. Тоа е Македонија што ја сакаме! Затоа, денес од ова место упатувам порака до сите:
Да не дозволиме да нè разделат! Да не дозволиме да се заборави кој сме и што сме. Да не дозволиме ниту еден граѓанин, ниту еден млад човек, да се чувствува како туѓ во сопствената земја.
Младите Власи – вашето место е тука. Вашите идеи, вашите соништа, вашата енергија – и тоа како ни се потребни. Помогнете ни да ја изградиме Македонија што ќе остане, не само за нас – туку и за идните генерации“, заврши Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.
Македонија
Поради одрон во тунелот, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива по една лента
Поради одрон во тунелот на автопатот Скопје-Велес, после Катланово, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, информира АМСМ.
Денеска и утре на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички зафат од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.

