Македонија
Мицкоски: Власта нема поддршка во парламентот за уставни измени и се плаши од избори
„Некако со ковидот немам среќа, пред две години и сега сум заразен со вирусот и тоа ме попречува во мојот ангажман. Но, сигурен сум и верувам дека бројот на советници на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово ќе се зголеми, а д-р Мевмед Џафери ќе биде новиот градоначалник во Маврово и Ростуше и покрај бројните нерегуларности на власта кои доаѓаат до мене како информација од терен“ напиша на Фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој вели: „и понудив на власта излез од ќорсокакот во кој ја однесоа државата. Понудив на првата собраниска седница да се стави по предлог на владата точка со која ќе отпочне процесот за измени во Уставот и доколку власта на ДУИ и СДСМ обезбеди поддршка од 80 пратеници, тогаш јас сум подготвен трајно да ја напуштам политиката (состојба која сум сигурен дека ќе ја израдува корумпираната и предавничка власт, криминалците но и инсталациите на власта денес, но и тие од минатото), во спротивно да одиме на предвремени парламентарни избори“.
„Во првиот случај, ако навистина верува власта (како што брифира, директно или преку своите инсталации) дека има 80 пратеници, тогаш нема подобар начин да се потврдат тие политики и да се “вивнеме” со нив кон европските височини, а и ќе се спасат од мене во политиката, та нели е тоа цел во една политичка борба. Во вториот случај да одиме на предвремени избори и да оставиме народот да избере влада која ќе има народен кредибилитет, а не ваков инсталиран каков што има оваа влада. Фер понуда…, искрен да бидам очекував сериозно да размислат и барем еднаш да го стават државниот и народен интерес пред личниот (велам личен бидејќи таму веќе нема ниту партиски). Тие сепак ми потврдија дека сум бил оптимист, додека првиот човек во владата молчи (сигурно од ПР агенцијата му велат не одговарај ти, ќе одговориме преку прокси, а човекот има рејтинг едноцифрен процент) одговорија преку министерот за култура (развеселување), а денес слушнавме и дека тоа што до вчера беше најважно сега и не е толку важно, па ќе ни кажат дека тоа што во јули беше најважно и во септември почнуваме со уставните измени, сега во август и не е толку важно, имало време“ се вели во Фејсбук статусот на Мицкоски.
Неговиот став е дека „власта не ја интересираат ниту европски височини, ниту европски вредности, туку исклучиво лични привилегии, корупција и многу украдени народни пари преку тендери во четири очи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

