Македонија
Мицкоски: Во овој парламентарен состав уставни измени нема да има, вчера го затворив прашањето со уставните комисии денес го затворам прашањето за уставните промени
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашење во однос на уставните измени и дали има притисоци во однос на тоа изјави дека притисоци има, но неговите аргументи се елементарна логика и повтори уште еднаш дека во овој парламентарен состав уставни измени нема да има.
„Видете дека притисоци има, има ова не е бајка, јас не можам да ви кажам дека нема притисоци, и секој оној кој што се нафатил со оваа работа треба да е свесен дека има притисоци, и треба да е свесен дека има моменти кога треба да се спротивставите на тие притисоци со аргументи. Мојот пристап е да се спротивставам на тие притисоци со аргументи и така и ќе продолжам до сега не сум слушнал аргумент кој што ги победува аргументите кои што јас ги презентирам. Не дека сум јас надмен човек туку едноставно во животот треба да имате и елементарна логика, моите аргументи се елементарна логика и тие се јавно познати. Ако некој мисли дека со притисок нешто кај мене ќе постигне се лаже, такво нешто нема да се случи. Јас сум свесен дека тоа ќе продолжи и понатаму. Но ќе повторам промена на уставот во овој парламентарен состав нема да има. свесен за политичката цена која што можеме да ја платиме излеговме во јавност дадовме предлог, предлог кој што тие го дадоа, а тоа е хрватскиот модел на уставна преамбула, и рековме еве го прифаќаме, ајде господа повелете да видиме кој е европеец кој не е европеец. Ги извадивме на чистина, на виделина излегоа сите лаги сите клевети колку е Ковачевски европеец, колку е Пендаровски Стево европеец, колку е Али Ахмети европеец и останатите на чистина ги извадивме јавноста можеше да ги види . И тука завршува се. Јас сум свесен дека тие немаат друга тема, јас сум свесен дека тие немаат ниту еден проект ниту политика и реформа и континуирано како расипана грамофонска плоча ќе го повторуваат тоа уставни измени, уставни измени. Јас тука ја затворам оваа тема, вчера ја затворив темата со комисиите денеска ја затворам со уставните измени. И од сега па натаму одговорот мој ќе биде, го знаете ставот, тој е непроменет уставни измени во овој парламентарен состав ќе нема“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски додаде и дека македонскиот модел може да биде само модел во кој што ќе има македонски национален консензус, а по ова прашање нема консензус.
„Македонскиот модел може да биде само модел во кој што ќе има македонски национален консензус. По ова прашање немаме консензус. Консензус се правеше кога се распродаваше Македонија. Тие тој моментум го испуштија. А сега им нудам модифициран македонски модел ист како Хрватскиот модел, земја членка на Европската Унија. Повелете господа одважете се и да одиме“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

