Македонија
Мицкоски: Време е да се стави крај на злоупотребите на безбедносно-разузнавачките служби
Во интервју за Дојче Веле, премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос со скандалот со прислушкувањето од страна на АНБ и АР, истакна дека станува збор за случај кој одблизу се следи, а воедно и дека организираното следење било спроведувано за лични и политички цели, истакнувајќи дека доказните материјали за целиот случај се предадени на обвинителството.
„Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во обвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал“, рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, укажа на потреба од расветлување на целиот случај и ставање на крај на ваквите масовни злоупотреби, кои влијаат штетно врз целата држава и ги нарушуваат демократските вредности на кои се заснова системот.
„Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

