Македонија
Мицкоски: Сакаме да докажеме дека сме помудри за грешките од минатото, а нашите вредности се обновени
Убеден сум и сигурен дека сме пред прагот на една голема и убедлива победа, победа на нова генерација во политиката, победа над неправдите и победа на концепт темелен на вредности. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред присутните на конвенцијата за претставување на кандидатите за пратеници.
„Во овие моменти ВМРО-ДПМНЕ води убедливо. Но, ова ќе биде тешка и голема битка. Не смее самоувереноста во победа да нè удри во глава. Ниту, пак, славата. Секој глас за ВМРО-ДПМНЕ е важен. Секој човек за ВМРО-ДПМНЕ е важен. Сакаме да докажеме дека сме помудри за грешките од минатото и не само тоа, туку дека целосно ги имаме обновено нашиот круг и нашите вредности“, рече Мицкоски.
Претседателот на опозициската партија во обраќањето оцени дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори оди со многу нови луѓе и двајца натпартиски носители на чело на листите наспроти коалицијата на СДСМ, која, според Мицкоски, нема промена во однос на носителите.
„СДСМ треба да се казни поради понудата на трговски листи, кои се производ на трговија, поткупи и меѓусебни дилови. Тоа се листи за пораз и меѓусебно покривање. Мислат така имунитетот ќе ги штити ако станат пратеници, а треба да се свесни дека ако згрешиле кон законот, нема сила што ќе ги спаси. Измислицата и најновото комично крешендо на Заев беше она посипување со пепел пред промоцијата на листите кога кажа ќе имале тандеми носители. Тоа е апсурд кога според законот има само еден носител, ама тука е очигледно дека сакаат срамот на носителот да се покрива со уште еден од тандемот“, рече Мицкоски.
За носителите од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека се луѓе со кредибилитет, чест и образ.
„Гордана Силјановска и Игор Дурловски се признати во светот и во своите животи имаат сè што би можеле да посакаат успешни професионалци, но ја немаат слободата и ја имаат загриженоста дека вака повеќе не може. За нив, не е проблем да живеат во кој било дел од светот, ама пустото каменот тежи најмногу дома и решија да се борат против неправдите, против неспособноста и против газењето на тие вредности. И кога го гледам нивниот мотив, сфаќам колку погрешно се движат работите во земјата и колку мора побргу да се променат. Дафина Стојановска и Владо Мисајловски се луѓе со кредибилитет, угледни во својата средина, луѓе работници, со чест и углед и знам дека најдобро ќе ја шират нашата мисла и визија. А Игор Јанушев и Александар Николоски се луѓе што знаат во каква битка влегуваат, одлучни и искрени и нивната победа ќе значи победа над неправдите, но почнување битка за европеизација на нашата татковина Македонија“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа што тој не е носител на листа, Мицкоски и во денешното обраќање го повтори ставот дека на листите треба да бидат предложени пратеници, имиња и презимиња со кредибилитет на кои местото им е во парламентот, а не луѓе што, како што посочи, ќе продефилираат и ќе го бараат гласот од граѓаните и после ќе отидат во владата.
„Јас со моето име стојам зад сите 120 кандидати за пратеници и не се кријам и овој предизвик го прифаќам и убеден сум во една голема, историски најголема победа. Затоа и Заев избега од идејата за кандидат за мандатар, човекот се плаши и бега. Знае дека и во најпесимистичките сценарија анализирани на ‘Бихаксќа’, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победува. Ете тоа е вистината зошто Заев не одговара на тоа што ќе прави кога СДСМ ќе загуби на изборите. Зошто ќе гледа да се спасува како пратеник и ќе го окупира лидерското место во СДСМ. Но, тоа е негова работа и јас во тоа нема да се мешам. Мене ми е целта да ја поразиме неспособноста и да ја вратиме државата на вистинска патека“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

