Македонија
Мицкоски: ЕУ да ѝ даде на Македонија датум во декември, без да бара нови отстапки
ЕУ треба да се одважи и да даде датум за преговори за Македонија и да не ја уценува државата со дополнителни отстапки, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода и додаде дека во спорот со Бугарија е прифатливо секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во македонското Собрание.
„Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото не убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овој пат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека час поскоро треба Македонија да добие датум за преговори со ЕУ и тоа треба да се случи сега на овој декемвриски европски самит и не треба писма да пишуваат кои било од европските политичари, туку треба да се следат европските елементарни цивилизациски вредности.
„Овој народ многу пати во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности, овој пат треба Европа да му врати на народот на Македонија и да не нè уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да почне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

