Македонија
Мицкоски: Завршува времето на Заев, граѓаните на 15 јули ќе изберат Обнова на Македонија
Завршува времето на Заев, граѓаните на 15 јули ќе изберат Обнова на Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Крива Паланка.
„Од она кое што можев до сега да го видам и да слушнам од граѓаните практично е иста сликата секаде тажна, мачна, луѓето не се задоволни од секојдневието, не се задоволни од ова политичко мочуриште наметнато од пандемија повеќе од три години од ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев кое што гледаме цела кампања ја помина заглавено во минатото, се уште споменувајќи некаков режим, а имаа повеќе од три години да се справат со тоа кое што они го нарекуваа режим. Наместо денеска да бидат нивни лојални поддржувачи и верен коалиционен партнер имаа можност повеќе од три години да покажат и докажат дека тоа што го тврдеа во минатото е вистина“, рече Мицкоски.
Додаде дека раководството предводено од Заев ја претворило Македонија во хибриден режим, а на скалата на Транспарентност Интернационал по нивото на криминал и корупција практично се наоѓаме на 106 место или, како што вели Мицкоски, на дното во Европа.
„Ние какао ВМРО-ДПМНЕ изминатите 19 дена, така и денеска зборувавме за нашата понуда, зборувавме за нашиот проект Обнова кој е испитан на 360 страни, зборувавме како до повисоки плати, повисоки пензии, како до 4 милијарди евра за странски и домашни инвестиции, како до 640 милиони евра субвенции за земјоделците и нов иновативен пристап во земјоделието, како до реформи во здравството, правосудството што е есенција. Така што имавме што да понудиме и имавме успешна кампања и цениме дека поддршката од страна на граѓаните нема да изостане во среда, а потоа да ги засукаме ракавите и сето она кое што сме го ветувале, сето она за кое што се обврзавме да го испорачаме“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




