Македонија
Мицкоски: Заев користи што сум изолиран поради вирусот, но тоа не го спасува од паѓање на Владата
Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието, напиша на социјалните мрежи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос на гласањето доверба на Владата, на кое пратениците од неговата партија не присуствуваа.
Мицкоски апелира до граѓаните да бидат спокојни, посочувајќи дека најдоброто од нашата земја допрва доаѓа.
Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во…
Posted by Hristijan Mickoski on Среда, 03 март 2021
„Заев е мафијаш, тоа е дел од неговиот карактер. Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за доверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата, никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби“, порачува Мицкоски, додавајќи дека премиерот се обидел да ја искористи состојбата со неговата изолација поради Ковид-19, но како што вели, тоа нема да го спаси од паѓање на Владата.
„Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид-зараза тие денови ќе поминат“, нагласува претседателот на опозициската партија.
Мицкоски порачува дека тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата.
„Но тогаш сите актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро“, стои во објавата на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Преживеаните музичари од „Пулс“ сведочеа дека не виделе кој ги наместил и активирал прскалките кобната ноќ: „Пожарот почна на рефренот, тргнав кон врата која беше заклучена“
Со опис на првите искри, паниката и стампедото во кое животот го загубија 63 лица, денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК.
Професорката и придружна вокалистка, Ана Костадиновска, сведочеше дека пожарот почнал додека ја изведувале песната „Што сака нека биде“, кога на рефренот се вклучиле прскалките. Рече дека тоа не било неочекувано, бидејќи, како што наведе, на таа песна секогаш се палеле.
„Панчо повика да излеземе, но никој од нас не ја сфати сериозно ситуацијата. Се движевме бавно кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав да излеземе од таму, но беше заклучена. Потоа излеговме по подолгиот пат кога ситуацијата веќе ескалира“, рече Костадиновска.
Таа опиша дека се слушнало пукање, почувствувала силна топлина и удар во грбот, по што настанало стампедо. Паднала, ѝ била приклештена ногата и почувствувала силен мирис што ги терал на спиење. Рече дека ѝ помогнало момче кое ги држело будни и ѝ овозможило да ја извлече ногата. Има повреди на коленото и изгореници на лицето, а трагедијата, како што изјави, сè уште не ја прифатила и работи со психолози.
Костадиновска одговораше и на прашања од одбраната. Прашана дали знае како се вклучуваат прскалките, таа одговори дека не знае кој ги местел и кој ги вклучувал.
На прашање дали групата ДНК имала дозвола од МВР за употреба на пиротехника, изјави дека не ѝ е познато. Наведе и дека при тонската проба не забележале пиротехника на бината, како и дека лично никогаш во ниту еден клуб не видела кој ги мести прскалките, ниту знае кој од клубот бил задолжен за тоа.
Костадиновска потврди дека ДНК и претходно во настапите користеле прскалки.
Гитаристот Горан Тонев изјави дека пожарот настанал околу 2:30 часот, кога Панчо кажал сите да излезат оти плафонот почнал да гори. Според него, огнот се ширел екстремно брзо, од сунѓерите на плафонот капеле црни капки и имало густ чад. Наведе дека има изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака и дека се лекувал во Солун, а сè уште не може да ја извршува функцијата гитарист.
Тонев рече дека пиротехниката веќе била поставена кога се качиле на бината и дека не знае кој ја поставувал или активирал.
Од околу 50 настапи со бендот, на околу 15 се користела пиротехника. Посочи и дека во 2025 година бината била потесна, плафонот понизок и имало повеќе ЛЕД-ефекти во однос на претходната година.
Алберто Миладинов, кој го снимил пожарот, сведочеше дека плафонот се запалил во 2:32 часот. Рече дека објектот имал само една врата и дека вечерта купил билет од 500 денари без да добие фискална сметка, ниту за билетот ниту за пијалаците. Наведе дека и претходно имало оган при настапи и дека често имало полициски рации, при што малолетниците излегувале пред да дојде полицијата.
Бојан Клименков, кој работел како келнер во „Пулс“, но вечерта дошол како гостин, рече дека и додека работел имало пиротехника внатре и дека не видел кој ја палел, туку дека се палела „на копче“. Изјави дека плафонот се запалил над левата прскалка, по што настанала паника. Според него, сопственикот Дејан се обидел да го изгасне пожарот со ПП-апарат, но не успеал, а потоа било повикано сите да излезат надвор. Рече дека кога бил извлечен надвор се онесвестил.
Во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето продолжува на 5 март.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.

