Македонија
Мицкоски за изборот на Филипче: Не се мешаме во внатрепартиските работи на СДСМ

Премиерот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира изборот на Венко Филипче за претседател на СДСМ, рече дека нема да се меша во внатрепартиските работи на СДСМ бидејќи тоа е работа на органите и членството на партијата.
„Па, видете, тоа е работа на СДСМ на членството на СДСМ. Ние рековме дека нема да се мешаме, не сакаме да им го правиме на другите она што не сакаме нам да ни го прават. На Филипче му посакувам успешна работа, да бидат конструктивна опозиција, да работат во интерес на граѓаните и татковината“, рече Мицкоски и додаде:
„Јас и во моето експозе во парламентот кажав дека секогаш станува збор за интересите на Македонија и македонските граѓани, подавам рака, а така ќе биде и во иднина. Членството на СДСМ одлучило така, нам не ни преостанува ништо друго, освен таа одлука да ја почитуваме бидејќи немаме право и не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на другите политички партии“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче на конгрес на СПД во Берлин: Средба со германскиот вицеканцелар Клингбајл

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска, ќе присуствува на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој под слоганот „Промената започнува со нас“ се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, соопшти утрово СДСМ.
Во рамки на конгресот претседателот Филипче ќе има средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл кој воедно е и ко-претседател на СПД. Предвидени се и билатерални средби со европски политичари и функционери присутни на конгресот.
На конгресот, на кој, меѓу другото, ќе се избира и новото раководство на СПД, ќе присуствуваат истакнати актуелни германски политичари и функционери, како и претседатели на социјалдемократски партии од Европа.
Поканата за присуство на Филипче на овој конгрес од СДСМ ја сметаат за израз на заедничката заложба за европска иднина, социјална правда и регионална соработка, засновани на вредностите на социјалдемократијата – еднаквост, солидарност и демократија.
Македонија
УХМР: Денес температури до 36 степени и ветер кој на места ќе дува и со над 70 километри на час

Управата за хидрометеоролшки работи за денес прогнозира сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне и над 70 километри на час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 34 степени.
Македонија
Од следната недела забрана за камиони над 15 тона на државните патишта за време на викенди и во денови со екстремно високи температури

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури,извести Авто-мото сојузот на Македонја (АМСМ).
Збраната ќе важи во термините:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со Јавното претпријатие за државни патишта.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје (со важност до 01 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
петок од 15:00 – 22:00 часот,
сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот.
Од АМСМ велат дека овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите.
И ова ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.