Македонија
Мицкоски за изјавите дека УЧК имала праведна борба: Не може убиства од заседа да се праведна борба, нека не се игра на картите на ДУИ за поделби
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во текот на денешната посета на општина Петровец, на новинарско прашање беше запрашан за коментар на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за оправданата и разумна борба на ОНА во Македонија во текот на конфликтот во 2001 година.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана.
Но повторно ќе кажам, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно законот за правична застапеност, којшто е во Венецијанската Комисија, тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад“, одговори Мицкоски.
Премиерот посочи дека суштината е да се работи на полето на носење на инвестиции со цел државата да се направи подобро место за живеење на сите граѓани.
„Ова е оската околу која треба да се обединиме. Ќе повторам, да ги оставиме политичарите коишто делеа во минатото. Тие немаат тема на иднината. Тие не знаат што е иднина. Тие се заглавени во сопствената матрица на минатото. Погледнете, 14-15 месеци опозиција, единствената порака која доаѓа од ДУИ, заедно со коалиционите партнери СДСМ и Левица, е токму тоа, поделба. Затоа апелирам до сите да се воздржиме од било какви теми коишто не враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината. Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството“, заклучи премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

