Македонија
Мицкоски за повикот на Османи: Требаше да седнеме на маса пред да ги потпишат капитулантските договори
Како и обично, доцнат едно две три години во своите намери. Требаше, пред да ги потпишуваат овие капитулатнски договори, да седнеме на маса. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговори на новинарско прашање за коментар за предлогот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за нов рамковен договор за ЕУ.
„Ние повикувавме, се сеќавате, јас повикав 5 тима да се формираат, да седнеме и да направиме стратегија и врз основа на таа стратегија понатаму да дејствуваме. Ние и покрај тоа, гледате, еден од тимовите е веќе ефективен, овој што помага во економијата, во енергетиката и покрај што тие тогаш надмено одбија, неодговорно, незрело би рекол. И сега еве со огромно задоцнување повторно нешто се нуди зашто се нема концепт јасен. Претпоставувам дека тоа е обид за дефокус од одговорноста што се бара од неговата партија за министерот за надворешни работи. Да почекаме да видиме како таму ќе се развиваат работите, па дури потоа ќе можеме да говориме за некакви планови во иднина, истакна Мицкоски.
Османи вчера, во присуство на словенечката министерка за надворешни работи, ја повика опозицијата на создавање, како што го нарече, „нов рамковен договор за ЕУ“, кој ќе ја извлече европската агенда од дневнополитичките случувања и блокади.
„Ако навистина сакаме 2030 да ни биде рок за влез во ЕУ, мораме да си подадеме рака меѓу власта и опозицијата дека оваа тема – ЕУ – ќе ја тргнеме надвор од дневнополитичките препукувања. Нам ни треба нов рамковен договор за ЕУ, во кој партиите од која било страна на политичката сцена ќе склучат договор дека ќе се поддржуваме за прашања поврзани со ЕУ. Еве уште еден повик – ајде да ја искористиме оваа шанса, да го искористиме 19 јули како историски датум на нашиот европски пат, да седнеме на маса, да седнат партиските лидери и да склучат меморандум, договор дека ќе се помагаат за прашања за ЕУ независно од тоа кој е на власт“, изјави вчера Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Македонија
„Власта дели тендери како колачи – 74 тендери само за една фирма за две години“, велат од СДСМ
„Додека владата на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра, додека кратат 40 милиони евра субвенции за земјоделците, има за нов авион, лукзус, мебел, возила, и згора на се, дели тендери како колачи. Кога се носат часовници од 65 илјади евра, нема време за работниците и граѓаните има само за приватен бизнис“, велат од СДСМ.
„Едни исти фирми, блиски до власта, добиваат огромен број тендери, со милионски милонски суми за краток период. 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за само две години добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје.
Наглиот раст на договорите започнува во 2024 година и продолжува во 2025 година. Само минатата година се склучени 59 договори, најголем дел со општини раководени од ВМРО-ОКГ.
Симптоматично е што вредноста на договорите речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите –што е класичен индикатор, сериозен сомнеж за наместени јавни набавки.
161 тендер за семејната фирма на Томовски. 51 тендер за друга фирма преку општини. Сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта.
За сите овие скандали повеќе од 54 дена молчат Обвинителството, ДКСК, Финансиската полиција. На сите треба да им биде јасно дека одговорност ќе има. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги разоткрива шемите со криминални тендери“, соопшти СДСМ.

