Македонија
Мицкоски: Зградите на ФИНКИ и ФФК ќе ги изградиме, но дали ќе имаме за 18 години студенти да ги наполниме
Денес на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот, Христијан Мицкоски, се осврна на изградбата на објектите на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ, но и за состојбите во образованието од аспект на намалените демографски параметри.
„Образованието за нас е приоритет затоа што не може да имате силна држава без силно образование, рече премиерот и продолжи: Во високото образование од каде што доаѓам и јас, изградбата на инфраструктура е многу значајна. Генерално дали се работи за новиот кампус кој планираме да го градиме за универзитетот „Мајка Тереза“, дали тоа значи изградба на новите згради на факултетите ФИНКИ и ФФК, дали ќе правиме некој нов технолошки парк кој што ќе биде значаен, за мене како претседател на Владата преставува само додадена вредност. Кога вложувате во високо образование, секогаш можете само да добиете, не можете да изгубите“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека овие згради на факултетите ќе бидат изградени, а со студентите ќе се договори стилот на архитектурата.
„Дали тоа ќе биде во постар барок стил, дали во модерен стил, студентите нека кажат. Тие како сакаат така ќе биде. Ние нема да наметнуваме“, посочи премиерот Мицкоски.
„Она што мене ме загрижува е она што оваа учебна година 2024/2025 за жал матурирале само околу 14.000 матуранти. Ако се вратиме 18 години наназад, тогаш ќе видиме дека околу 10.000 луѓе ни се изгубени. Тоа е нешто кое за мене претставува предизвик“, истакна Мицкоски.
Истакна дека ниту овие 14.000 матурирани ученици не се запишуваат на факултетите, со оглед на тоа што на Универзитетот „Кирил и Методиј“ се запишале само 5000 студенти, а тој запишува повеќе од половината студенти.
Тоа според него е загрижувачки параметар, особено ако се земе бројот на новородени сега кои за 18 години ќе бидат потенцијални студенти.
„Овие згради ќе ги изградиме, и кампусот на универзитетот „Мајка Тереза“ ќе го изградиме, и други ќе изградиме, но се плашам да не бидат празни за 10-15 години од сега. Затоа ни е потребно да седнеме сите заедно и да креираме нова парадигма и цел каде сакаме да бидеме. На безумието мора да му дојде крај. Не е се политика и не е се желба за власт и моќ.“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

