Македонија
Мицкоски: Имаме план за економски бум во првите 100 дена од новата влада
Неуспешните политики на Зоран Заев и оваа арамиска влада не можат да се премолчат. Оваа влада уништува стандарди и носи лоши резултати, уништувајќи ги животите на граѓаните, рече на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој констатираше дека факт е оти владата на Зоран Заев не прави реформи, не сака да прави рефрорми и нема план за правење реформи. Додаде дека ваквиот факт е потврден и од ЕУ и Светската банка.
„Светската банка во извештајот кој го издава еднаш годишно, ‘Дуинг бизнис’, потврдува дека годината најавувана како економска година се претвори во економско цунами. Забележан е пад од 7 места и Македонија сега е позиционирана на 17. место, а земјата бележи назадување во сите 10 индикатори кои се оценуваат од Светската банка“, истакна лидерот на опозициската партија.
Во однос на странските инвестиции, Мицкоски истакна дека иако владата се фали оти успале да ги триплираат ваквите инвестиции, сепак вкупниот износ е многу помал во споредба со други земји од регионот.
„Поради неспособноста на оваа арамиска влада скратени се и нешто повеќе од 50 милиони евра кои од почетокот на годината беа предвидени за капитални инвестиции и истите беа вратени во буџетот за тековни потреби бидејќи не знаат како да ги потрошат“, обвини партискиот лидер зборувајќи за домашните директи ивестиции.
„Приходите во буџетот се на 70 посто од тоа што било планирано, а расходите на 68 отсто од тоа што било планирано. Со други зборови, владата ги собира парите од бизнисот и од граѓаните и наместо да ги троши за капитални инвестиции, ќе се повикаат на краткото помнење на јавноста и ќе ги користат за поткуп за следните избори“, посочи тој.
Мицкоски истакна дека сликата која луѓето од ЕУ ја добиваат за Македонија е дека е земја разорана од поделби и неизвеснот, поради што оцени дека владата е делегитимирана и веќе падната.
Опозицискиот лидер најави дека неговата партија веќе има план за тоа како да ја започне економската обнова на земјата, а тоа, како што рече, граѓаните ќе го почуствуваат уште во првите 100 дена од новата влада.
„Доаѓа обнова на Македонија и економски бум, имаме најавени проекти од странски компании кои ќе ги претставиме во наредниот период, а ќе се реализираат во 100 дена од новата влада“, истакна тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

