Македонија
Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново и Липково: Има неодговорни градоначалници, ќе се стапи во контакт со општините за градинките

Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со согласностите за вработувањата и пуштањето во употреба на градинките во Липково и Арачиново.
Мицкоски рече дека разговарал со министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, и во текот на денот членови на неговиот кабинет ќе стапат во контакт со администрацијата во Арачиново и Липково и состојбата ќе биде надмината и завршена.
„На жителите на двете општини им се извинувам за непријатностите. Децата се наш приоритет и политиката на оваа Влада е во таа насока. Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Лимани вчера изјави дека очекува извинување од градоначалниците поради нивните изјави дека е нелигитимен министер.
„Во моментот кога ќе утврди дали сум легитимен или не, тогаш кога ќе се увери дека сум легитимен во исто време и мојот потпис ќе биде легитимен, и двете не одат заедно, мојата нелегитимност и мојот легитимитет како потпис“, рече Лимани.
Од друга страна, градоначалниците на двете општини изјавија дека се соочуваат со бирократски пречки за ставање во функција на објектите.
Градинките во Арачиново и Липково се очекува да сместат по 115 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк

За време на предизборниот молк, во текот на 18.10.2025 до 07:00 часот на 19.10.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк од кои шест на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, потоа СВР Велес – три, по два настани на подрачје на СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола и еден на подрачје на СВР Струмица. По преземени мерки не се потврдени пријавите за 15 настани, извести МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето, регистриран е само еден настан“, додаваат од МВР.
Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.
Македонија
(Видео) Тошковски: На терен се над 90 отсто од силите со кои располага МВР

Денеска е ден на демократијата, денеска македонските граѓани ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни фер и демократски избори да си ги изберат своите градоначалници и советнички листи, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој извести дека само во едно место, село во општина Прилеп, гласањето започнало подоцна.
Министерот очекува мирна, демократска и фер изборна атмосфера.
„Ги повикувам сите граѓани да го остварат своето право на глас, да ги дефинираат чекорите во иднина, да можеме да искреираме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека се активирани над 90 отсто од силите со кои располага МВР и се фокусирани на спроведување на мирен изборен процес.
„Ги преземаме сите дејствија коишто треба да се преземат. На терен сме, ги контролираме оние жешки точки. Сега за сега нема никакви проблеми. Имаме констатирано четири настани кадешто има потенцијално нарушување на изборниот молк во текот на вчерашниот ден. Се постапува и се истражува. По утврдувањето на целосната фактичка состојба ќе биде известена јавноста“, извести Тошковски.