Македонија
Мицкоски им се извини на жителите на Арачиново и Липково: Има неодговорни градоначалници, ќе се стапи во контакт со општините за градинките

Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со согласностите за вработувањата и пуштањето во употреба на градинките во Липково и Арачиново.
Мицкоски рече дека разговарал со министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, и во текот на денот членови на неговиот кабинет ќе стапат во контакт со администрацијата во Арачиново и Липково и состојбата ќе биде надмината и завршена.
„На жителите на двете општини им се извинувам за непријатностите. Децата се наш приоритет и политиката на оваа Влада е во таа насока. Постојат неодговорни градоначалници со неодговорни изјави, но тоа не треба да биде пречка“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Лимани вчера изјави дека очекува извинување од градоначалниците поради нивните изјави дека е нелигитимен министер.
„Во моментот кога ќе утврди дали сум легитимен или не, тогаш кога ќе се увери дека сум легитимен во исто време и мојот потпис ќе биде легитимен, и двете не одат заедно, мојата нелегитимност и мојот легитимитет како потпис“, рече Лимани.
Од друга страна, градоначалниците на двете општини изјавија дека се соочуваат со бирократски пречки за ставање во функција на објектите.
Градинките во Арачиново и Липково се очекува да сместат по 115 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ реагира на изјавите на Мицкоски: Единствениот „програм“ што му останал е омразата, потценувањето и исклучувањето на Албанците

„Додека Христијан Мицкоски продолжува со викотници, навреди и провокации во отсуство на каков било конкретен успех на неговата влада, граѓаните јасно гледаат дека единствениот „програм“ што му останал, пред неуспесите на владата што ја предводи, е омразата, потценувањето и исклучувањето на Албанците, клеветите и поттикнувањето на меѓуетничка поделба“, велат од ДУИ.
„Тој вели дека ДУИ имала 23 години да го покаже својот капацитет? Токму во тие години земјата стана членка на НАТО, се доближи до ЕУ, го изгради најфункционалниот модел на мултиетнички соживот во регионот и придонесе за регионалната стабилност преку дијалог и мудрост.
Земјата стана пример за регионот.
Мицкоски и неговата партија, од друга страна, отсекогаш се идентификувале со меѓуетничка омраза, блокади, изолација и масовна корупција.
Тие секогаш биле против секој стратешки напредок на државата, од Охридскиот договор, преку НАТО, до ЕУ. Денес, освен стратешкиот, го изгубија и моралниот компас.
Штитејќи ги своите луѓе вмешани во трагедијата во Кочани, подготвени се да ги следат и заплашуваат родителите на жртвите за да ги спасат виновниците.
Потценувањето и исклучувањето на Албанците можеби ќе му донесе неколку радикални гласови во неговата партија, но на среден и долг рок тој сее семе на поделба што ќе тежи врз идните генерации.
А тоа е историска одговорност што ниту Мицкоски, ниту кој било друг, не може да ја испере со демагогија. Во меѓувреме, неговите албански портпароли го вратија времето на вазалството меѓу Албанците.
Но, со тоа само ја зацврстија убеденоста на секој Албанец дека честа и достоинството на нашиот народ не можат да бидат згазени од задоцнети националисти, дискредитирани клептократи, а уште помалку од вазали кои станаа срам за народот.
ДУИ останува партија на достоинството, обединувањето и прогресот. Нема да дозволиме омразата да ја замени надежта, ниту поделбата да го замени начелото на еднаквост.
Албанците со гордост се соочувале со историјата и ќе се соочат и со овој срамен обид за исклучување, потценување и угнетување. Наредните избори стануваат референдум против изолирана, поделена и корумпирана Северна Македонија“, соопштуваат од ДУИ.
Македонија
„Влен“: Носиме промени со имиња што го прават секој граѓанин горд

„Во време кога на земјата ѝ се потребни професионализам, посветеност и вистинскo претставување повеќе од кога било, „Влен“ го презема следниот храбар и визионерски чекор: назначување на двајца од најподготвените и најпочитуваните кадри на нашето општество на клучни позиции, проф. д-р Азир Алиу, министер за здравство, и Албрим Хоџа, заменик-министер за земјоделство. Професорот Азир Алиу, неоспорна личност во областа на технологијата, иновациите и високото образование, ќе го води Министерството за здравство со јасен приоритет: дигитализација на здравствениот систем за модерна и ефикасна услуга за граѓаните“, велат од „Влен“.
„Во исто време, Албрим Хоџа, моќен глас на терен, со длабоко искуство во новинарството, руралната политика и проектите за развој на земјоделството, ја презема улогата на заменик-министер за земјоделство со непоколеблива мисија: безрезервна поддршка на земјоделците и селото.
Назначувањето на овие двајца кадри јасно покажува дека „Влен“ не прави компромис кога станува збор за квалитет и претставување. Знаеме дека граѓаните заслужуваат повеќе, а со овие луѓе во институциите, ќе имаат повеќе!“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и канализација Скопје известуваат дека денеска поради уличен водоводен дефект од ф 150мм на улицата Самоилова бр.50 во Центар, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Самоилова, улицата Јоаким Крчовски и улицата Банатска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:40 часот до завршување со санирање на дефектот.