Македонија
Мицкоски: Ковид-19 го наруши нашиот живот, а лошата власт го направи животот уште полош
Почитувани сограѓани, годината позади нас не беше добра. Пандемијата на Ковид-19 го наруши начинот на нашиот живот, а лошата власт го направи животот уште полош, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во новогодишната честитка.
„Ја уништија економијата и ја однесоа во рецесија, додека го распродава идентитетот и наместо европска иднина донесоа вето. Демократијата беше погазена со криминални избори, правдата беше заробена, земјоделците беа обесправени. Го урнисаа здравството, повеќе од 50.000 луѓе останаа без работа, образованието е срушено, криминалот и корупцијата галопираат. Народот осиромашува, власта се богати. Време е да завртиме нов лист. Македонија е подобра од загубите кои ги носи власта. Вие заслужувате среќа. Потребни се промени и промените ќе дојдат во годината што следи. Силата е во народот, самите сме си креатори на нашата иднина, затоа што ние граѓаните сонуваме, веруваме и дејствуваме“, вели Мицкоски.
Ние не се откажуваме, додава тој, ние ќе победиме.
„Имаме обврска кон нашите деца, и кон нашите предци, да имаме држава со која ќе сме горди. Нашата генерација има добра мисла и намера, знае како да истрае кога е најтешко, и да направи успех кога тоа се чини далечно. Успесите ќе дојдат со промените кои ќе донесат вистина наместо лаги, повеќе пари за граѓаните, сигурност, правда и достоинство. Празниците поминете ги со најмилите и најблиските. Подарете насмевка и љубов и имајте верба. Чувајте го вашето здравје и соберете сила, бидејќи 2021-та ќе е година на промени кои ќе ви донесат повеќе задоволство, зголемена радост, и среќа која секогаш ги следи храбрите. Ви посакувам среќни и весели новогодишни и божиќни празници. Да сте живи и здрави. Да живее Македонија“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

