Македонија
Мицкоски : Криминалот во „Рекет“ не е можен без поддршка на Заев
Изминатиов период криминалниот октопод кој управува со власта ја фрла Македонија на колена.
Македонските граѓани, сите ние ја имаме судбината да ја живееме онаа фраза што важеше за некои држави на Балканот од минатото, „секоја држава има своја мафија, само нашата очигледно си има своја држава“, изјави на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, случајот „Рекет“ не е причината за тоа, тоа е само последицата. Причините се многу подлабоки и тие одат до врвот на власта. Разголената власт покажува дека не е само во прашање неспособноста на премиерот или неспособноста на владата, туку дека немаме систем. Тој е нападнат од силна криминална ерозија до тој степен што системот не функционира, имаме згазени закони и имаме згазено обвинителство коешто исто така не функционира. Имаме конкретни примери каде владата и премиерот се ставени во функција да заштитуваат криминал.
„Со голема внимателност и загриженост го следев развојот на настаните и веќе е сосема сигурно дека од оваа власт, институциите, премиерот Зоран Заев не може да се очекува разврска на овој криминал затоа што истите тие се силно инкриминарани од истиот, тие се инфицирани од криминалот што ни се покажа како на тацна. Можам да донесам неколку заклучоци, и тоа, силата на осомничените за делото за кое се товарат во случајот ‘Рекет’ доаѓа од власта на Зоран Заев и неговите луѓе. Тука е Катица Јанева, која и денес го води компромитираното СЈО, а треба дополнително да се испита и улогата на сите други обвинители помошници во целиот случај на изнуда, како и можноста за постоење на други вакви случаи. Во овој октопод се и Фрики, Кики, Шеки, Зоки, Поки и останатите коишто упорно остануваат недопрени.
Иако Катица Јанева тврдеше, цитирам, „ниту свесно, ниту несвесно имам каква било конотација со случајот ‘Рекет’“, се покажа дека не ја говорела вистината. Односно нејзините зборови кои можеа да се чујат од снимката, цитирам, ‘немој да се грижиш, сè ќе биде ОК’, упатени на жртвата на која вршеле рекет покажува силноа вмешаност на СЈО и нејзиниот прв човек во овој криминал.
Факт број три, ќе потсетам на мислењето на Заев за Катица. Тој тврдеше дека верува во нејзините способности, во нејзината личност и дека е човек со капацитет. Потоа Јанева сака со закон да ја унапреди во републички обвинител, а другите обвинители помошници на Јанева исто така со истиот закон ги предлага и сè уште опстојува на тој предлог да се дел од новото обвинителството со кое истиот овој човек Зоран Заев предложи да управува Русковска. Воедно предлага и префрлање во тој сектор на целокупната администрација, соработници и истражители итн. кои сега работат во СЈО, а кои знаеме дека се изврзани роднински и претставуваат школски пример за непотизам, директно или индиректно со Катица Јанева и другите обвинители помошници на Катица Јанева. Ќе повторам, со закон истите сака да ги префрли во новото обвинителство без да има јасна недвосмислена, јавна постапка и секој оној којшто се чувствува подготвен да може да конкурира за истите тие позиции”, рече Мицкоски.
Според него, сомнежот е дека криминалот во „Рекет“ од вакви размери не е можен без поддршка на Зоран Заев.
„Сомнежите се дека Заев го штити овој криминал, а тоа го темелам на следново: Катица Јанева не е во притвор, а истата може да избега, може да влијае на сведоците и може како прв човек на СЈО да го повтори делото. Сведоци сме дека истото ова обвинителство барало притвор и за несразмерно помали случаи што ги воделе. Но во овој момент тоа отсуствува. Се разбира, Катица Јанева е само продолжена рака на главниот во овој октопод.
Второ Зоран Заев е свесен дека меѓународниот сојуз на еден од обвинетите важи на извесен начин за чедо на СДСМ. Во тие структури се луѓе од оваа партија, а сомневањата се дека тоа е параванот и за многу други случаи на криминал, уцени, изнуда и рекет. Трето, од почетокот тврдев и сè уште тврдам, Заев во моментите кога ќе го притисне оваа афера со евидентни докази е во состојба да се откаже од сите, само да се спаси себеси. Некои велат Катица е следната, јас тоа го пишував во едно мое фејсбук-обраќање до сега, но тоа во овој момент за граѓаните во Република Македонија значи само уште еден криминалец помалку на слобода.
Некои велат дека немало тука да застане, дека не била Катица крајот на оваа борба против организираниот криминал туку ќе продолжела па ќе ги опфатела Кики и Фрики, прашањето било па можеби и Шеки била загрозена и така натаму. Но, никако да дојдеме до главниот, а тоа е токму оној главниот којшто го осмислил и оној за којшто постои сновано сомнение дека го аминувал целиот овој криминал. Четврто, сега е јасно зошто е предлогот на Заев за реформите за обвинителство. Тој сака ова компромитирано СЈО да го преслика во новиот обвинителен сектор. Да добиеме ново СЈО, но со зголемени овластувања за зголемени злоупотреби. Е таков компромис со правдата што ќе произведе неправда нема да помине.
Оттука господинот Зоран Заев е должен да одговори на неколку прашања. Какви докази крие семејството на еден од осомничените, а кои говорат во некои од медиумите од соседството за криминал на власта и Зоран Заев? Кој сè е вклучен во таа белградска врска на мешетари собрани и платени со македонски државни пари? Каде завршува куфер-политиката и кои се луѓето кои на крајот од денот се офајдиле со сумите што се резултат на куфер-политиката
На што се должи заладувањето на реториката кон Катица Јанева и Бојан Јовановски со кого чести средби имал и Зоран Заев? На што се мисли кога еден од осомничените ќе каже дека Зоран Заев е информиран за сè? На ова не верувам дека Зоран Заев директно ќе одговори, исто како што не одговори и на моите директни прашања што ги поставив на една прес-конференција на почетокот на овој скандал, затоа што рибата мириса од главата”, рече Мицкоски.
Тој смета дека бранењето на премиерот и неговите експоненти во однос на оваа афера не само што изобилува со невистини, шпекулации и конструкции, туку е и напад и навреда врз интелигенцијата на народот.
„Ќе слушнам, ќе речат случајот ‘Рекет’ бил наместен случај од опозицијата за рушење на правната држава, што е чисто фијаско од одбрана, приказна за мали деца во која ни тие не веруваат, а голем дел велат комичен настап, во случај кога сите го напуштаат бродот на власта што тоне. И треба да знаат дека немаме правна држава, зошто тие ја убија и ја погребаа. А да имавме немаше Катица Јанева да биде на слобода, ќе имавме уште најмалку еден криминалец помалку на слобода, а главата на октоподот наместо со лисици на рацете да се заканува врз новинари и забошотува скандали. Навреда на интелигенцијата на народот е кога скапо платените со државни пари пиар-советници го советувале оној кој е глава на октоподот, да излезе и да даде скандалозна изјава, со насока ‘шефе колку повеќе дехидрирате од критика на вашите до скорешни пријатели, a богами и пулени, толку повеќе ќе си ја отргнете вината за вашето замешателство во работите’.
Но, заборавиле дека народот не е со кратко помнење и народот ги знае сите лица и маски на Заев. Ја знае онаа кога со скрстени раце на срцето и со блага насмевка се колне во жицата, во најмилото дека немало да го промени името. Народот ја знае и онаа маска кога Заев е преполн со верба во европските вредности бидејки тој ќе ја донел Македонија во Европа, но народот го знае и она вистинско лице на Зоран Заев како бара мито, како пазарџиски полетно договара поткуп за Вартоломеј, и она негово сурово но искрено лице, на разгневен деспот кому сите гемии му се потонати бидејќи вистините излегуваат на виделина. Сето ова е доказ на немоќ, кој се прикрива со деспотски атак кон слободата и замолкнување на вистината.
И тука без оглед на тоа што некои сакаат да нè направат исти со Заев, само колку да му помогнат и релативизираат неговите скандали, ние не сме ни одблиску исти. И фала на Бога што е тоа така. Различни сме се, и тоа многу. И морам да кажам една искрена, но и поразителна работа, целата ова ситуација мене не ме изнедадува, човекот си е навикнат да се заканува ззшто со прогон владее 3 година, со тортура и поигрување со животи и судбини. И за голема жал, рекетот не е единствениот случај за сомнеж за криминал. Нема ден, а да не добијам порака, да не чујам лично сведоштво од некој бизнисмен, од некоја друга жртва за уцена, притисок или рекет од страна на луѓе од власта. Но за ова во друга пригода.
И додека сето ова се случува, државата влегува во економска и политичка криза. Надвор од зградите на Илинденска број 2 и од Бихаќка владее неправда, сиромаштија и апатија. Со оваа влада секојдневието е дека: дете убива дете, дека еден од убијците на Саздо сè уште е на слобода, истото е и со убиецот на младиот фудбалер кој го загуби животот, Мартин Јанушев. На слобода некаде е и убиецот на Пино Секондо. Наместо во битка со корупцијата, Владата влезе во битка за бришење на шеснаесеткракото сонце, дека Гоце бил друго, а не Македонец. За 3 години илјадници млади луѓе се иселуваат, ама премиерот вели дека сме блескале. Очигледно светот во кој живее Заев не е истиот во којшто живее обичниот Македонец. И еве зошто не сме во Европа и зошто нема датум за преговори за Република Македонија.Падот на оваа власт не е прашање дали ќе се случи туку кога. Едноставно дојдовме до степен кога не постои ниту тронка надеж дека што било ќе се подобри. Затоа се знае, народот ќе каже доста е на следните предвремени парламентарни избори. И за таквиот пад нема да помогнат ниту аберите од некои кругови на власта за да се прогледало низ прсти за некои случаи или, пак, оние сведоштва првиот крадеше повеќе, ниту, пак, оние обиди за инсталирање на некаква послушна опозиција. ВМРО заедно со народот и секој слободномислечки Македонец ќе ја сруши оваа власт и ќе донесе правда.
И не сакам да звучам отсутно и ќе кажам, ги слушам сите ние кои говорат ајде пожестоко, на улица, бунт против оваа власт. Голем дел од овие луѓе ја сакаат Македонија. Ги разбирам и знам дека не им е сеедно и дека срцето им се кине исто како моето кога во сопствената земја својата држава ја гледаат окупирана од неодговорна и неспособна власт и како им се одзема иднината, која е нивно основно човеково право. Но, јас ќе им порачам, ветив битка до последниот здив и стојам на тоа. Но, истовремено ветив победа. ВМРО почна со рушење на оваа неодговорна Власт кое секогаш и не е изразено на начин на којшто дел од нашите сограѓани очекуваат. Но, не со исклучени, ниту масовни протести од тие коишто ВМРО ги организираше, но и од друг тип демократски алатки коишто ќе служат како отпор против оваа неодговорна криминална, октопод, куфер-влада во Република Македонија.
Воедно историјата не учи никогаш да не се избрзува со неодговорни отпори и спротивставувања на силите кои ѝ пркоселе и ја одземале нашата слобода. Воедно следува период кога ќе се одлучува и за европската иднина на Република Македонија, и ВМРО-ДПМНЕ знае дека тоа е невозможна мисија со оваа криминална октопод влада, но не сака да биде никакво алиби при евентуалниот неуспех. Треба да знаеме дека имаме нечесна власт, која, пак, треба да знае, Македонија не е пашалак на Заевци, а народот заробеник на нивниот криминал. Народот и ВМРО-ДПМНЕ ќе победат убедливо, зошто таква победа ни треба, за Македонија да ја обновиме од овој криминален ураган на власта. И одговорност, мора да има одговорност. Немам намера, немам намера повторувам, за никаков компромис со никој кој се огрешил спрема законот без оглед на кого и со кого се работи. А тие кои злоупотребиле народни пари, мала ќе им биде Македонија да се сокријат. Заев е на колена и веќе нема кредибилитет за оваа влада која тоне во сопствениот неуспех. Неговиот пад и заминувањето на оваа влада не е избор на Заев, туку одлука на народот во којашто силно верувам. Октоподот е во слободен пад, доаѓа обнова на Македонија”, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

