Македонија
Мицкоски: Мора да има одговорност, ,,Рекет” е дел од поширок криминален октопод кој управува со државата
„Потребна е одговорност за секој кој учествувал, директно или индиректно, во случајот ‘Рекет’, кој е дел од поширок криминален октопод кој управува со државата. Но, јасно е дека со оваа власт зафатена од овој криминален октопод, правда не може да се очекува”, смета претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Одговорност мора да има – е ехото кое деновиве силно татне, кажано од домашните политичари, аналитичари и граѓани, но и од претставниците на меѓународната заедница. Но, дали сите исто подразбираме кога велиме ‘одговорност мора да има’. Во текот на вчерашниот ден до мене стигна информација дека Катица била готова и дека прашање на денови е кога ќе завршела во притвор. ‘Ајде мајката’ – е крикот на Зоран Заев. Па ќе излезе Стево Пендаровски и ќе го повтори истото, дека одговорност мора да има. Сето ова изгледа прозаично без нималку навигација за полесно делоцирање на одговорноста, како на пример дали оние двајцата осомничени или нивниот нов цимер (прашање на денови) можеа ова да го прават без огромна поддршка од Кики, Фрики, Шеки и Зоки Поки, дали беше толку тешко да се стигне до телефонот на новиот потстанар во Шутка па беа потребни денови. Случајот е пријавен во февруари/март со доказите, а се чекаше јули/август да се лоцира каква таква одговорност”, вели Мицкоски за аферата „Рекет“.
Според него, „колку од рекетот заврши во телевизијата каде везден беседеа властодршците убедувајќи нè дека блескаме и нели е тоа нематеријална корист за раководството на една политичка партија, дали некој се сети да ги праша бардовите наши новинарски кои беседеа со властодршците во стилот … Да, да во право сте, одлично, секоја чест, браво, навистина прекрасно, овие од опозицијата, анти-НАТО, анти-ЕУ, ма катастрофа, Мицко бил ваков бил таков, обична марионета, како и колку се вистинити бројките во книгите на телевизијата за нивните месечни примања или има нешто можеби од медот, или па можеби ги праша некој вработените таму дали и како издржуваат со 12.000 денари плата во месецот (на минималец пријавени). Што ќе речат другите медиуми кои немаат прилика и магионичарски способности, па мака мачат на пазарот да обезбедат егзистенција за вработените и уште многу зошто и многу затоа, но затоа ‘љубави’ (или хубави) ќе повика на одговорност во клучниот момент, а Зоран Заев ќе рече во најблиското опкружување, Стево нè предаде..„
Мицкоски смета дека е потребна е одговорност за секој кој учествувал, директно или индиректно во случајот ,,Рекет”, кој е дел од поширок криминален октопод кој управува со државата.
„Но, јасно е дека со оваа власт зафатена од овој криминален октопод правда не може да се очекува. Во тој контекст тргнати се да нè уверуваат дека криминалот не е криминал, а неправдата всушност била правда. Но, ќе потсетам дека ова не е првпат Заев да биде ‘погрешно разбран’ или под ‘напад на мрачни сили кои ќе ја дестабилизираат и закочат Македонија.
Кога излезe скандалот „Глобал“, случај тежок 8.5 милиони евра, а потоа и го аболицираа за истиот, тој велеше дека бил жртва на монтиран случај.Потоа истиот тој Заев во неговата канцеларија во Струмица го видовме лаконски седнат во кожна фотелја бара мито, за она кај Мирчо свињарникот. И кога се објави овој скандал тој ни кажа дека погрешно бил разбран, човекот не барал мито туку градел црква. Се разбира и за ова беше амнестиран, овој пат неформално, но суштински одбегна правда, од истото рускоска-обвинителство кое и денес го води случајот ‘Рекет’.
Третиот флагрантен случај на лепливите прсти на Заев беше кога во разговор со божемниот Порошенко се впушти во иницијативата со сто илјади евра да го поткупи Вартоломеј, па дури и беше среќен зошто за ова мито поминал со попуст. Кога се дозна ова во јавноста Заев соопшти дека човекот e филантроп и сакал да помогне на црквата. Една година траел срамот и разговорите со божемниот Порошенко. За овој случај нема ниту истрага”, вели Мицкоски и додава:
„Денес кога со аферата ‘Рекет’ гледаме како гавазите на власта харале низ државата и тргувале со правдата, црпејќи ја моќта од Заев тие (СДСМ) ни велат ‘Рекет’ бил наместен случај од опозицијата за рушење на правната држава, што е чисто фијаско од одбрана, приказна за мали деца во која ни тие не веруваат, а голем дел велат комичен настап, во случај кога сите го напуштаат бродот што тоне.
Арогантното молчење и по некое евтино спинче на младиот портпарол или некоја нарачка на министерот за пропаганда во заминување нема да ја поматат јасната слика, која е поразителна за власта. Треба и тие, но и сите луѓе на власта да знаат дека Македонија не е пашалак на Заевци, а народот заробеник на нивниот криминал. Во услови кога бродот на Заев тоне, а свирењето фајрон е прашање на денови, правда мора да има, зашто тоа не е прашање на избор, туку единствен начин да се стави крај на овој криминал. Тоа е нашата должност кон татковина, наша обврска и кауза. Месеци ја делат Македонија од вистинска #ОбноваНаМакедонија, да покажеме дека веќе нема место за повластена политичка каста туку за политичари кои ќе служат на граѓаните и Македонија, а тие кои се огрешиле пред законот и се посрамотиле пред граѓаните да понесат одговорност”, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.
Македонија
Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.
Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, велат од МНР.

