Македонија
Мицкоски: Му кажавме на Соботка за „трас-трас“ методот за носење на Законот за ЈО, тој беше изненаден

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медумите кажа дека на средбата со претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, станало збор и за Законот за Јавното обвинителство.
„Му го пренесовме ‘трас, трас-методот’ за носење на Законот за Јавно обвинителство, ‘се договорив со Јово’ и сличните методи на кои се носат овие закони. Пренесовме дека тогашниот претседател на Владата не го негираше тоа однесување туку го потврди истото. Господинот Соботка навистина беше вчудовиден, ова беше информација што првпат ја слушнал“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски му кажал на Соботка дека во парламентот имало повторено гласање.
„Најпрвин гласаа 74 пратеници, за потоа по некој чуден метод да се поништи тоа гласање па имаше 80 пратеници. Соботка беше видно изненаден од тоа што го слуша“, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ и пред други дипломати зборувала за состојбите во судството и обвинителството, кажа првиот човек на опозициската партија, оценувајќи дека во моментов се гази и пали демократијата во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Вреди ќе се менува, платформата станува партија

Од платформата Вреди наскоро ќе произлезе нова политичка партија, која ќе настапи обединето на претстојните локални избори. Како што најави вицепремиерот и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, процедурите за формирање на новиот политички субјект ќе започнат веќе следната недела.
„Граѓаните испраќаат јасна порака – сакаат единствена, организирана и координирана понуда. Јавно велам: не е важно кој ќе биде претседател, важно е идејата да успее. Целта ни е обединување пред локалните избори“, изјави Меџити во емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија.
Според него, новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, програма и листи за советници, додека кандидатите за градоначалници сè уште не се дефинирани. Меџити додава дека не гледа проблем во тоа што името на партијата и нејзиниот лидер сè уште не се познати, бидејќи „најважна е суштината, а не формата“.
Во меѓувреме, одлуката на Алијансата за Албанците да настапи со свои листи за советници на локалните избори предизвика тензии во рамките на коалицијата. Претседателот на партијата, Арбен Таравари, изјави дека одлуката не значи напуштање на Вреди и дека остануваат дел од Владата.
Сепак, Меџити смета дека оваа постапка оди во прилог на нивниот заеднички политички противник.
„Оваа одлука е во интерес на ДУИ. Верувам дека јавноста бргу ќе ја препознае суштината на ваквиот потег. Ние никого не сме исклучиле – тој сам се дистанцираше“, порача Меџити.
Тој додаде дека ова отвора и прашање за стабилноста на владината коалиција, но засега не е донесена одлука дали ќе се бара разрешување на Таравари од министерската функција во здравство.
Македонија
СДСМ: Џабе е извинувањето на Љутков, културните работници без пари го слават Велигден

Опозициската СДСМ остро ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „груб и срамен удар врз културните работници“, токму во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
Според партијата, наместо со зголемени плати како што било договорено во Колективниот договор од 2021 година, вработените во културата велигденските празници ги дочекаа без ниту денар на сметка.
„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата, согласно Колективниот договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани, а од Министерството за култура стигнаа манипулативни изјави – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле ‘високи’. Ваквите изјави се навредливи и дискредитирачки“, велат од СДСМ.
Од партијата порачуваат дека ваквиот однос е доказ за целосна незаинтересираност на Владата за луѓето кои, како што наведуваат, ја носат културата на грбот.
„Зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка“, се вели во изјавата на СДСМ.
Од таму потсетуваат дека културните работници не се статисти во општеството, туку клучни носители на вредности и традиции и заслужуваат третман со достоинство, а не молк и игнорирање.
Македонија
Фатен пијан крадец на „голф“ во Неготино, возачот излетал од патот

Дваесет и осумгодишен жител на Неготино бил лишен од слобода откако украл автомобил од свој сограѓанин, а потоа, возејќи под дејство на алкохол, излетал од коловозот на локалниот пат кон селото Курија.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 20 април 2025 година околу 04:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го уапсиле С.Д. (28), кој неовластено присвоил патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски таблици.
Возилото било сопственост на Л.И. (28) од Неготино и според пријавата, било паркирано пред неговиот дом кога С.Д. го одзел и се упатил кон селото Курија. Таму, изгубил контрола и излетал од патот.
„При извршените проверки било утврдено дека возачот имал 0,72 промили алкохол во крвта“, велат од полицијата.
С.Д. бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.