Македонија
Мицкоски му одговори на Вес Мичел: Секогаш е најтемно пред зората
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговори на писмото на Вес Мичел, помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, кој наведе дека САД се разочарани од челниците на ВМРО-ДПМНЕ. Во него Мицкоски, меѓу другото, наведува дека опозицијата била исклучена од преговорите со Грција за спорот со името и дека прашањето на референдумот било повеќезначно и збунувачко и дека власта не ги послушала неговите сугестии за две одвоени прашања. На крајот, Мицкоски го завршува писмото со цитатот „секогаш е најтемно пред зората“.
Во продолжение го пренесуваме интегрално писмото од Мицкоски до Мичел:
Почитуван помошник-државен секретар г. Мичел,
Со посебно внимание го прочитав Вашето писмо и би сакал да ја искористам оваа можност да Ви се заблагодарам за поддршката што мојата татковина ја добива во поглед на евро-атланските интеграции, што се и стратешки интерес на мојата партија и граѓаните на мојата земја. Се надевам дека многу скоро Република Македонија ќе биде дел од НАТО И ЕУ семејствата, но горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена.
Во продолжението на ова писмо би сакал да потенцирам неколку факти, имено процесот на преговори беше воден без создаден амбиент, авантуристички, манипулативно сокриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки. Во целиот тој период на преговори, детализирање и начинот на доаѓање до договорот ние како најголема политичка сила бевме исклучени, бевме надвор од процесот и не бевме консултирани. Ова го потенцирам од причина што ова решение кое се дискутира е решение кое припаѓа на субјектите на власт, и до истото не е дојдено по пат на консензус, во период и време кога таков консензус се бара и од опозицијата.
Понатаму, Владата узурпирајќи го процесот, наметна манипулативно и повеќезначно референдумско прашање кое ги инкорпираше и НАТО и ЕУ. Моите јасни сугестии беа дека прашањето е свесно повеќезначно и збунувачко, и дека потребно е да бидат формирани две одвоени прашања, едно кое ќе се однесува чисто за прифаќање или неприфаќање на договорот, и друго кое ќе ја изрази волјата на граѓаните дали се за членство во НАТО и ЕУ, што според моето длабоко уверување е наш стратешки интерес. Повторно ВМРО-ДПМНЕ не наиде на разбирање од Владата и реши процесот да го продолжи без консезус со опозицијата.
Целокупниот овој процес изобилува со погрешни проценки, лажни надежи и погрешни очекувања кои, за жал, беа производ на Владата, која ја лажеше целокупната меѓународна заедница дека ќе испорача нешто што не е во можност да го испорача.
Почитуван г. Мичел, овој договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум каде што и покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до Владата, сепак на крај не успеаjа во намерата да обезбедат ни приближно услови за да референдумот биде прогласен за успешен. Имаме места каде што брутално и насилно се полнеа кутии и излезеноста е поголема од 90%, иако долгогодишниот просек не надминува 45%. Зарем тоа се вредностите во кои треба да веруваме? Зарем тоа е начинот како треба да се уништуваат демократските придобивки кои ги развивавме во годините на независна, суверена и самостојна Република Македонија? Зарем треба да останам нем на прашањата на моите студенти кога споредуваат примери каде се побиваат законите на физиката со гласање на секои 5 секунди? Зарем европска вредност ли се заканите уцените кои ги доживуваа граѓаните директно од власта за да излезат и гласаат, лажното преставување на лица од власта и лобирање во време на референдумскиот молк, а да не споменувам за стотиците дисциплински мерки, уназадувања, санкции и отпуштања на вработените во државната администрација кои не го поддржаа договорот или, пак, продолжувањето на политичкиот прогон врз неистомислениците на власта, нешто што за нас стана секојдневие и навика со која се научивме да живееме во нашето општество. Зарем треба да го премолчиме фактот дека сите институции молчат за тоа што се случуваше на денот на гласање на референдумот и она потоа?
Одговорот е едноставен, одбивам тоа да го прифатам и не само што одбивам туку и жестоко ќе се спротивставам со сето свое знаење, капацитет и демократски алатки против ваквите девијантни појави. Ова не е Македонија во која сакаме да живееме.
Продолжувам и навистина не можам да поверувам како ќе се придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста доколку се прифати Договор кој:
1.убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот,
2.со кој се менува Уставот со цел промена на Уставното име на државата,
3. со кој се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија како
a) резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година, б) времената спогодба со Грција од 1995 година и c) Хашката пресуда во полза на Македонија од 2011 година,
4. со кој со членот 8 од договорот се предвидува формирање на Комисија помеѓу двете држави Република Македонија и Грција задача за ревидирање на историјата, археологијата и образованието, трајно наштетувајќи на идентитетот на мојата земја.
5. со кој се откажува земјата од грижата за Македонските малцинства во други земји, но истовремено се откажува и од Македонците во дијаспората.
Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во Собраниска процедура истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи.
И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам.
Во многу наврати ја предупредував јавноста и нашите меѓународни пријатели, истото го посочувам и денес, овој процес му е доверен на човек кој не е искрен во намерите и ветува нешта што не може да ги исполни, притоа знаменосецот на таа идеја е посипан со десетици афери, сомнежи за криминал и отсуство на секаква волја за расчистување со случаите на корупција и вистинско владеење на правото. Факторот време покажува дека впрочем најголемата опасност поради кој земјава влегува во криза е токму првиот човек на владата.
Јас како пријател на вашата земја, силно ја уважувам вашата ангажираност да помогнете во процесот, и како човек кој се образувал и работел во државите од ЕУ и целосно ги споделува тие западни вредности сакам заеднички да ја градиме иднината на мојата татковина, базирајќи се на принципи и искрен однос. Но, исто така сум човек кој силно верува во основните цивилизациски придобивки на самоопределување како Македонец и самоименување на мојата татковина Република Македонија.
“секогаш е најтемно пред зората”
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Македонија
„Власта дели тендери како колачи – 74 тендери само за една фирма за две години“, велат од СДСМ
„Додека владата на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра, додека кратат 40 милиони евра субвенции за земјоделците, има за нов авион, лукзус, мебел, возила, и згора на се, дели тендери како колачи. Кога се носат часовници од 65 илјади евра, нема време за работниците и граѓаните има само за приватен бизнис“, велат од СДСМ.
„Едни исти фирми, блиски до власта, добиваат огромен број тендери, со милионски милонски суми за краток период. 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за само две години добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје.
Наглиот раст на договорите започнува во 2024 година и продолжува во 2025 година. Само минатата година се склучени 59 договори, најголем дел со општини раководени од ВМРО-ОКГ.
Симптоматично е што вредноста на договорите речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите –што е класичен индикатор, сериозен сомнеж за наместени јавни набавки.
161 тендер за семејната фирма на Томовски. 51 тендер за друга фирма преку општини. Сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта.
За сите овие скандали повеќе од 54 дена молчат Обвинителството, ДКСК, Финансиската полиција. На сите треба да им биде јасно дека одговорност ќе има. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги разоткрива шемите со криминални тендери“, соопшти СДСМ.

