Македонија
Мицкоски: На 2 ноември потребна е мобилизација и секој еден глас
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот настан одржан во Аеродром, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски во својот говор се заблагодари за поддршката во првиот круг каде 33 општини избраа градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата наспроти 3 од СДСМ и ги повика граѓаните да излезат масовно и да гласаат на 2 ноември со заокружување на бројот 9.
„Во вториот круг имаме 26 кандидати од кои најголемиот дел се во големо водство како Аеродром и во Скопје, а во неколку нашиот кандидат е второпласиран, но е во вториот круг. Ќе се бориме за секој еден глас и за секој општина. Излезете и гласајте по вашето лично убедување. Кога ќе го имате пенкалото во рака ако одлучувате според разум, душа и срце убеден сум дека ќе одлучите за бројот 9 и овде во Аеродром за Дејан и Орце за Град Скопје, убеден сум“ кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека СДСМ не е на биолошки минимум туку пред исчезнување и на следните избори кога и да се, ќе бидат под 100 000 гласа и ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на 2 ноември.
„Порака до симпатизерите и членовите на СДСМ, иако тоа го правев цело време во кампањата за првиот круг, кога велев дека и на нив не им е пријатно некогаш големиот СДС како сега се бори како се жилави едвај да го помине прагот од 100 илјади гласа, сега не зборуваме за биолошки минимум зборуваме таму за исчезнување, единствен начин да си помогнат себе и да и помогнат на СДС да излезат во втор круг и да го заокружат бројот 9 којшто прави промена. Следните избори СДСМ ќе бидат, под 100 илјади гласа. Тогаш ќе дојдеме до заклучок дека намалувањето на бројот на пратеници поради апстинирање или разочарување е државен и национален проблем. Ваква опозиција каква што е, не ќе може да направи резултат, тогаш состојбите ќе бидат поинакви, тогаш ќе имаме нова реалност. Затоа е важно да излезете и да гласате. Потребна ни е мобилизација на секој еден гласач“ кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека во политиката мора да се има цел и стратегија, ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не бараше ништо освен почит за својата жртва која ја дале за друг, но тоа не го доби и тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го заборави.
„Политиката не е црна кампања и не е со лаги да се доберат до власта. Политиката е да имаш цел, и план како да ја реализираш таа цел. Ние имаме план и многу стратешки цели како да ги реализираме, дел ги реализиравме, дел се реализираат, многу мал дел не успеавме да реализираме. Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември масовно да излеземе, да тропнеме на секоја врата, да излеземе и да зокружиме број 9, за Дејан, за Орце и насекаде каде ВМРО-ДПМНЕ има свој кандидат“ нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.
Македонија
Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.
„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.
Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.
„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.
Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.
„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.
Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.
„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

