Македонија
Мицкоски: Овој ден значи системска елиминација на еврејското население и е најцрниот ден за македонската историја
Денеска се навршуваат 80 години од ликвидирање на македонските Евреи во Треблинка. Во далечната 1943 година цели еврејски маала со своја традиција и култура во Скопје, Битола и Штип остануваат празни. Дури 98 проценти од еврејската популација, односно 7144 македонски Евреи од кои 1500 биле деца под 15 години се задушени во гасните комори на Треблинка, пишува Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Фејсбук статус.
-Овој ден значи системска елиминација на еврејското население и е најцрниот и најтажниот ден за македонската историја и Македонија. За стравотиите од ликвидирањето на македонските Евреи од страна на фашистичкиот окупатор кои на суров начин ги загубија своите животи има бројни докази, сведоштва за нивната голгота, траорни судбини, – вели тој.
Тој изразува жалење за она на што била изложена еврејската заедница во минатото, а дека Македонија и македонските граѓани никогаш нема да ја заборават тагата и страдањата на овие семејства.
-Никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато, – вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Православните верници го слават Богојавление – Водици, над 220 граѓани ќе се обидат да го фатат крстот во Вардар
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, а централните манифестации, традиоционално ќе се одржат во Скопје и Охрид со осветување на водите на реката Вардар и Охридското езеро со положување на крстот во нив.
Празникот се одбележува од вториот век, а уште се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го врши црквата на овој ден.
Според христијанското предание, на овој ден се одбележува крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Кристител во реката Јордан.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Над 220 граѓани денес ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје. Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Посебен режим на сообраќај
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска по повод празникот Водици ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.
Така, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.
Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.
Македонија
Сончево време со температура до 12 степени
Времето утрово е студено, насекаде со негативни утрински температури. По одделни котлини ќе има појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена локална облачност. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -1, а максималната ќе достигне од 2 до 12 степени.
Во Скопје претпладне студено со појава на магла, преку денот сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник по одделни котлини ќе има појава на магла, а локални врнежи од дожд, на планините од снег се очекуваат во вторник.
Македонија
Пивтијада по 15. пат на плоштадот во Автокоманда
Утре 19.01.2025 година (недела) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 15та година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.
Истовремено ќе уживаат во македонската песна со настапот на Јордан Митев, Ефто Пупиноски и Даниела Темелковска.