Македонија
Мицкоски од Вашингтон: Прво, завршени преговори, па уставни измени, претрпевме многу понижувања
Ние како нација направивме сè што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори поради нашата европска перспектива и поради членството во НАТО, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешното обраќање на настанот на Атлантскиот совет во Вашингтон посветен на иднината на трансатлантските релации на Западен Балкан.
„Фрустрациите помеѓу граѓаните на мојата земја се екстремно големи. Сведочам дека во време кога бевме во опозиција во 2018 многу луѓе од целиот свет, високи функционери од ЕУ, премиери од многу моќни НАТО-земји, претседатели, членови на Европската комисија, нè посетуваа и велеа само сменете го името овој пат и веднаш ќе станете членка на НАТО, ќе почнете преговори со ЕУ и ќе ги завршите во период од 4 до 5 години и ќе станете дел од ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 2 години и ние сме во иста ситуација како пред 20 години, но во меѓувреме ги променивме знамето, валутата, името и сè“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека сега пред нас е ново барање за промена на Уставот и тоа не гарантира извесност не евроинтегративниот пат.
Кажете ми втор случај во Европа кој е барем од далеку сличен со нашиот, не зборувам за приближно сличен. Овој пат рековме, ако Pacta sunt servanda се применува за нас, тогаш нека се применува за сите, ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат“, рече Мицкоски и дополни: „Затоа сега патувам во светот, сега да ја раширам приказната за македонската судбина, која е типичен пример за двојни стандарди“.
„Ние сега треба да ги внесеме неколку стотина наши сограѓани во уставната преамбула, што е опис на нашиот Устав. Зборуваме за бугарската заедница. Во нашиот устав ние имаме Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Власи итн., па ако ги анализирате работите од таа перспектива, тоа не е голема работа. Но зошто да ги внесеме во преамбулата? Можеби зборуваме за човековите права, можеби некој ѝ ги крши човековите права на бугарската заедница? Кои сме ние политичарите да судиме дали нечии човечки права се нарушени? Има институција во Европа наречена Судот за човековите права во Стразбур, која е одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. И што вели таа институција во последните години? Тие беа јасни, 14 пати човековите права на македонската заедница во Бугарија биле прекршени, и нула пати на бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет наспроти нула. Како да им го појасниме ова на граѓаните, зошто го правиме ова, а не добиваме ништо. Затоа велиме, бидејќи ова не е суштинско, бидејќи преговорите значат зајакнување на институциите, подобрување на капацитетите на институциите, а не решавање на билатерални прашања. Ние рековме ќе го завршиме ова, но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следуваат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши“, истакна премиерот Мицкоски на настанот во Вашингтон во организација на Атлантскиот совет.
Премиерот Мицкоски посочи дека кога се зборува за европската иднина, треба да се зборува за заеднички вредности, за вештачката интелигенција, за добрата животна средина, за економијата, за подобро образование, а не за нешто што се случувало во средниот век. Балканизацијата на Европската Унија, според него, е проблем, затоа што ако се злоупотребуваат институциите во Брисел за решавање билатерални прашања, тоа се разликува од идејата на Де Гаспер, Шуман и Аденауер, основачите на европската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

