Македонија
Мицкоски од Мечкин Камен: И денес граѓаните во Македонија се борат за индентитетот и иднината
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денес присуствува на свеченоста на Мечкин Камен по повод Илинден, рече дека овој празник за сите нас претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност.
„И овој ден Илинден претставува водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата држава Македонија во иднина. А само тоа место Мечки Камен одекнува и денеска, има големо и силно значење и денеска, затоа што во една нерамноправна борба четата на војводата Питу Гули борејќи се со повеќе броен аскер го положи својот живот, даде жртва за слободата која што ние денеска ја живееме“, рече Мицкоски.
Додаде дека и денес македонскиот народ, граѓаните во Македонија покажуваат пркост и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина.
„Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите знајте дека под маса договораат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија.
Но, пораката за единство на македонскиот народ е пред и над се, и тоа е порака која што денеска ја упатуваме од овде, од Мечкин Камен, затоа што кога македонскиот народ, кога граѓаните во Македонија се единствени, дури ни таков тип на политичари немаат никаков ефект и ништо не можат да направат. Само единствени ќе дојдеме до посакуваната цел, а тоа е Македонија која што ќе биде просперитетна, Македонија мајка на сите граѓани, развиена, Европска земја“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата каде се отфрлаат и поништуваат сите аранжмани и политики на владата на Заев поврзани со мигрантите
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од коалицијата, поднесе до Собранието на Република Македонија, Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради ширењето страв и паника кај населението, од страна на СДС и грубата политичка пропаганда од страна на опозицијата, со конструкции лаги и измислици во однос на измислената тема од страна на СДС за мигрантите, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција со која се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
Со Резолуцијата се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
Со Резолуцијата се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада на Зоран Заев, поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
Воедно се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
Со Резолуцијата се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
Со оваа Резолуција се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на ДПМНЕ!
„АКТ откри корупциска мрежа, систем преку кој милиони евра пари на граѓаните завршуваат кај фирми блиски до власта преку наместени тендери. Додека тече грабеж на народот каснат исплатите за породилното, доцни поврат на ДДВ, доцни социјалната помош, се намалува буџетот за болните од ретки болести, нема пари за поголеми плати и пензии“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта се богати преку наместени тендери и сомнителни зделки.
Само една фирма добила дури 161 тендер, во вредност од 5,3 милиони евра. Втора фирма инкасирала 9 милиони евра со двајца вработени и отворена лани.
Ова е организирано испумпување на граѓаните на кое мора да му се стави крај! АКТ најавува нова дигитална платформа нова алатка во борбата против корупцијата и криминалот.
Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата. Власта ќе ја вратиме назад во рацете на граѓаните.
Не е крај кога ќе каже Мицкоски туку обратно, граѓаните кажуваат кога е крај! Тоа на сите нека им биде јасно! Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Влен“: Правичната застапеност добива европски печат и наскоро ќе влезе во Парламентот
„ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, велат од „Влен“.
„За прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, ВЛЕН ја затвора клучната алка на Охридскиот Договор.
Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон.
ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и соодветната застапеност се трансформира во правен механизам што гарантира вистинска еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без оглед на припадноста и без партиски посредници.
Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес. Ова не е партиски закон, туку закон за еднаквост, закон за правда и закон за европската иднина на земјата“, соопшти „Влен“.

