Македонија
Мицкоски од Прилеп повика што помасовно да се излезе на 2 јуни
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари посета и средба со граѓани во Прилеп. Toj пред прилепчани истакна дека владеењето на Зоран Заев е исполнето со нереални ветувања и шарени лаги.
-Лажеа во предизборната кампања, лажеа дека ќе донесат 500 евра просечна плата, лажеа дека на докторите специјалисти ќе им донесат 100 000 денари просечна плата. Ветуваа поголеми субвенции за земјоделците, ветуваа подобар стандард за младите луѓе, ветуваа поголеми пензии за пензионерите и што ли уште не. Какви ли уште шарени лаги ветуваа во предизборието во декември 2016 година, но еве се гледа дека ништо не исполнија, истакна Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на владиното одбележување на една година влада, при што истакна дека лицемерно е што целата Влада се наредила пред споменикот на ослободителите бидејќи има разлика помеѓу партизаните кои ја ослободуваа државата, и Владата која ја разграбува земјата.
-Ги видовме луѓето од Владата денес наредени пред споменикот посветен на партизаните. Слика која во себе има многу спротивности. Горе ги имаме оние кои се бореле за Македонија и својот влог го потврдиле со своите животи, партизаните чие дело и денес се слави, а доле под нив ги имаме оние кои ја разградуваат и уништуваат Македонија, оние кои на дневна основа продаваат и распродаваат, тоа е Владата на Зоран Заев, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека Владата на Заев нема прогрес во ниту една област.
-Говореа за некакви промени, а единствените промени во Македонија се оние кои потврдуваат дека се оди кон полошо, говорат за некакво ослободено судство, а единственото што се ослободи е Зоран Заев од случај каде јасно се гледа што прави и што бара, потоа предвидувајќи и диригирајќи пресуди, говореа за инвестиции, а досега една лопата не фрлија, говорат за живот, а она што обичниот човек го чувствува е само чемер и јад, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, повика што помасовно да се излезе на 2 јуни, кога ќе почне почетокот на крајот на оваа ненародна власт.
– Кога невистината и лагата ќе ви ги претставуваат како вистина, кога поразот и капитулацијата ќе се обидат да ви ги прикажат како победа. Како недостоинственото нешто ќе се обидат да ви го претстават како заштита на националните обележја. Тоа не смееме да им го дозволиме, не смееме да поверуваме во оваа колективна депресија што ќе ја шират и во оваа политичка репресија.
Не смее ВМРО-ДПМНЕ и сите вие тоа да им го дозволите. Затоа мора сите заедно, сплотени, обединети, да излеземе, на сите наши сограѓани да им ја објасниме нашата мисија нашата кауза за Македонија. Да ги повикаме на 2 јуни да ни се приклучат под бајракот на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија пред Владата на Република Македонија во 20:00 часот в сабота, масовно да му кажеме на Зоран Заев и групата околу него доста е, Македонија ќе победи, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

