Македонија
Мицкоски од универзитетот Џон Хопкинс: Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски при својата неколкудневна посета на САД, денеска оствари предавање на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, каде покрај на темите важни за Македонија, се осврна на повеќе теми од интерес на регионот и пошироко.
„Најголем приоритет на Владата пред се ќе биде зајакнување на економијата. А таа не може да расте, ако нема одлучна борба против криминалот и корупцијата. Мораме да се соочиме со криминалот и корупцијата ако сакаме да ја развиеме нашата држава за следната генерација. Има голема коалиција помеѓу одредени политичари, судии, обвинители и бизнис елита, и ние мора да ја разбиеме таа коалиција, во спротива ќе потфрлиме исто како сите наши претходници и би биле поразени“, потенцира Мицкоски.
Претседателот на Владата истакна дека трите најважни паларии ќе бидат инвестициите во енергетиката, Интер конекторот на гас како и вложувањата во инфраструктурата.
Премиерот соопшти дека од самиот почеток тргнал со идејата за распуштање на судскиот совет и советот на јавни обвинители, затоа што тие две институции имаат само 2 отсто доверба меѓу граѓаните.
„Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж, тие два столба одат заедно, во спротива би потфрлиле“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека ќе се бори за своите ставови, ќе се соочи со аргументи со сите експерти, затоа што народот е гладен за правда.
Премиерот се осврна и на ветото на Бугарија. Тој истакна дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни, македонските граѓани премногу жртвуваа за европската перспектива и доста е со понижувања.
„Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега“, изјави Мицкоски.
Од друга страна Мицкоски се задржа и на актуелното прашања со Украина.
„Мојата држава е огромен донатор за Украина. Собранието гласаше за огромна поддршка за Украина. Ние сме меѓу топ 5 доставувачи на помош по глава на жител во светот“, истакна премиерот Мицкоски, истакнувајќи дека ние не сме толку голема и богата држава, но сме направиле максимални напори во насока да ја поддржиме Украина и украинскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

