Македонија
Мицкоски: Потребно е државата која Ковачевски му ја остави на тацна на Али Ахмети, да му ја вратиме на народот и да му помогнеме на Стево Пендаровски да се исели на 8 мај
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на денешниот митинг во Демир Капија истакна дека на 24 април професорката Гордана Силјановска Давкова ќе го најави својот триумф, а конечниот триумф ќе се случи на 8 мај, а тогаш и ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ќе освои мнозинство во македонскиот парламент со 61 пратеник.
Мицкоски истакна дека народот денеска во Македонија нема контрола врз сопствената држава, таа е заробена и киднапирана од страна на 100 разбојници на ДУИ поддржани од страна на измеќарите од СДС.
– СДС се измеќари на разбојниците од ДУИ, а тоа се другарчињата на Артан Груби, на Бујар Османи, заедно со Али Ахмети. Тие луѓе за жал ја киднапираа Македонија од народот, а народот разочаран ја напушта Македонија, не селата, туку градовите се празнат, се помалку дечиња има во училиштата. Тоа е трагедијата која сурова реалност и таа реалност мораме да ја смениме, во спротивно ќе ја загубиме државата, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека потребно е државата која Ковачевски му ја остави на тацна на Али Ахмети да си ја вратиме, а тоа можеме да го направиме ако се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.
Мицкоски ги повика граѓаните да помогнат на Пендаровски да се исели бидејќи тој самиот кажа ако не бил претседател ќе ја напуштел Македонија.
– Стево Пендаровски за себе вели дека најдобра карактеристика му било дека не крадел а тие кои го поддржуваат краделе, па тогаш со какви пари му ја финансираат кампањата? И оние скапо платени балкански мешетари кои ги донесоа да креираат фалсификати и да замајуваат јавност. Човекот е загубен, на сабајле прво ги озборува тие околу него, а на пладне преминува кон оние кои го поддржуваат, кои не ги носи со себе, бидејќи е самобендисан и мисли дека му е голем рејтингот и до него не се ни Ковачевски, ни Зечевиќ, ни Маричиќ, а во суштина немаше втор кој ќе прифатеше да биде губитник, рече Мицкоски.
Професорката Гордана Силјановска Давкова има свој став и е спремна да го брани својот став со аргументи. Тоа е жена која е титан и ги бранеше македонските интереси и надвор од Македонија во Советот на Европа. Таа како уставен експерт беше дел од Венецијанската комисија, инспирираше многу колеги кои денес ја цитираат и имаа од кого да учат. Таа остана и се бори за Македонија и народот.
Мицкоски нагласи дека на овие избори јасен е изборот, Гордана Силјановска Давкова е новиот претседател, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се новата влада и тука нема дилема, на сите им е јасно, Македонија треба да биде горда и твоја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.

