Македонија
Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет: Ако нема правна држава, тоа е безбедносен проблем
Невладеењето на правото и криминалот се безбедносен проблем и ние како Влада мора да реагираме, тоа им го предочивме на Судскиот Совет на средбата, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Како што рече, Владата смета дека се потребни коренити реформи во делот на правосудството, а тоа го мислат и граѓаните, бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата која што граѓаните ја имаат во правосудните органи е катастрофално ниска.
„Ако немате правна држава, ако немате владеење на правото, ако немате обвинители и судии кои што обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немате ниту економска безбедност, а кога ќе немате економска безбедност ќе немате ни економска активност, а кога ќе немате економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што тие приходи се потребни, за да имаме развој, а ако немате развој, тогаш ќе немате среќни граѓани и компании и нормално е тие да се разочараат и да ја напуштаат Македонија. Тоа е суштината на целиот овој систем“, рече Мицкоски.
Додаде дека не смее да има граѓани од прв и втор ред, малкумина од прв ред кои што се заштитени, не смее да има елита туку мора да се сите подеднакви пред законите и уставот.
„Тоа го потенцирав на самата средба, која што ќе повторам по нивно барање, за да слушнеме кои се нивните предлози. Впрочем ние имавме повик и до експертската јавност и до институциите да дојдат да достават предлози како заеднички да го реформираме правосудниот систем. Ние си стоиме на нашиот став, на нашата програма, но сакаме да слушнеме. Доколку добиеме подобри идеи, се разбира дека тие идеи и ќе ги примениме, тука не треба да има никаква тајна. Ако немате владеење на право, ако немате правна држава, ако имате високо ниво на криминал и корупција, тоа е безбедносен проблем. Тоа не сум го кажал само јас како политичар, тоа го кажале многу поискусни политичари од мене. Ние како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ги заштитиме државата и граѓаните, доколку се појави безбедносен проблем“, рече Мицкоски.
Истакна дека ова е период што ќе помине во собирање на предлози и идеи, по што Владата ќе излезе пред јавноста со конечна позиција за тоа како гледа на реформите.
„Нормално, повторно ќе кажам, ние си стоиме на нашиот став за распуштање на тие институции за кои што зборуваме за целиот овој период. Не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок со кој што ќе го превенираме овој безбедносен проблем кој што ни се случува поради тоа што немаме владеење на право, а имаме висок степен на криминал и корупција.
Тоа беше отприлика денешната средба и тоа беа размислувањата кои што беа разменети со преставниците на Судскиот Совет.“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

