Македонија
Мицкоски: Правилото победник со победник е прекршено, Владата ја формира мнозинството во парламентот
Жалам што сеуште раководството на ДУИ живее во некои времиња кој се минато во Македонија. Македонија е држава на сите граѓани во нејзе, ниту е федерација, ниту е би, три, четири национална држава. Македонија според Уставот е држава на сите граѓани, според демократијата оној кој има 61 пратеник ја формира идната влада во Македонија или ја формира владата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
„Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското не македонско население во Македонија. Мислам дека сите ние сме граѓани на Македонија, Македонци и ценам дека политиката не треба да се гледа како условно кажано шведска маса, па ДУИ малце ќе земе сега од СДСМ, малку од ВМРО, малку од некоја друга политичка партија“, истакна Мицкоски.
Како што додаде, ДУИ беше шест и половина години со СДСМ во владата, а СДСМ се поразени во првиот круг претседателски избори и очекува да бидат поразени и после парламентарните избори.
„Очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели од денес“, истакна Мицкоски.
Тој повторно нагласи дека демократијата се темели на принцип врз основа на тоа кој има мнозинството во парламентот ја прави Владата.
„Демократијата се темели на принципот кој има мнозинство во парламентот и ја прави владата, не знам за кој мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило победник со победник. Имаше едно правило во минатото победник со победник кој е резултат од минатото, тој договор и тоа правило за жал самите тие го прекршија уште во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не треба да ја гледаме како шведска маса па малку со едните, другите, третите. Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство како што се очекува немаме ниту елементарна доверба да соработуваме со ДУИ, така што тие мора да одат во опозиција“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.