Македонија
Мицкоски: Реформите во правосудниот сектор се најитни
Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, нема европско општество ако обвинителот избира по кого ќе отвори предмет, а по кого ќе премолчи, ако судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Уставот и законите и ако граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда.
Мицкоски рече дека одговорност на политичарите е да создадат услови за целосна деполитизација на судството, заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис-притисоци, но и поинакви механизми за надворешен надзор и отчетност и вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата.
Премиерот рече дека секој народ има моменти кога мора да избере дали ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени.
„Државата е токму во еден таков момент – на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина. Планот за раст и реформската агенда не се само услов за интеграција. Таа е инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење“, рече премиерот.
Според него, корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација.
„Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем што се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст, мора да го урнеме тој систем. Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да плати за да добие – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува. А уште позагрижувачки е што институциите, кои треба да се борат против корупцијата – Обвинителството и судството, честопати се неми, неефикасни или, пак, под политичко влијание“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.

