Македонија
Мицкоски: СДСМ и Филипче беа подизведувачи на криминалот на ДУИ и Ахмети, затоа во недела со масовност уште во прв круг да им одржиме лекција
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот завршен народен митинг во Охрид, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, за изборите во недела на 19 октомври, повика на обединување и масовна поддршка за кандидатите за градоначалници и советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на број 9, за да им се даде лекција на СДСМ и Венко Филипче, кои беа подизведувачи на криминалот на Али Ахмети.
„7 години по ред, партнерски со ДУИ, ги разградуваа темелите на земјата. СДСМ и Венко Филипче беа подизведувачи на криминалот на ДУИ и Али Ахмети, кој денес се претвори во раскажувач на историски сказни со главна програма, сеење етничка омраза, додека народот му се иселува. И вака некако изгледа средената држава според рецептот на СДСМ, што во основа ми раѓа чувство на срам поради туѓиот срам“, рече Мицкоски.
Во однос на средената држава за која, всушност, зборува Филипче дека со СДСМ ја оставиле, Мицкоски му порача, да имало средена држава, народот ќе ги наградеше и тие ќе беа власт, а не длабока опозиција и партија во клиничка смрт, во која важно е што еден најмногу го сака, Зоран Заев кој им беше главниот гуру во кампањата и им се појави и на митинг во Струмица.
„Но таквата одлепеност од реалноста говори дека и СДСМ и претседателот на СДСМ не извлекле поука од времето кога владееја со државата, дека народот ги казни поради сиромаштијата, двоцифрената инфлација, поради тоа што 600 илјади наши сограѓани живееја со само 150 денари на ден. Поради тоа што тендерите и криминалот станаа заштитно лице на СДСМ и поради пазарџиската политика со државните интереси, предавствата и поигрувањето со најсуштинските теми за опстојбата на оваа држава“, истакна Мицкоски.
Затоа, рече Мицкоски, важно е на овие избори да се излезе во што поголем број за сите овие политичари да добијат сериозна лекција уште во првиот круг.
„Затоа што ако не добијат, врел шамар и нокаут на изборите, тие ќе мислат во иднина дека ова може да им помине. Тие ќе мислат дека оставиле пристојна држава и дека неработењето и криминалот може да се наградат. Затоа е важно да се излезе и гласа во што поголем број, достоинствено и масовно, затоа што лекцијата значи нокаут уште во првата рунда од изборите. Затоа е важен секој глас, а работата да ја завршиме уште во првиот круг“, порача Мицкоски од завршниот митинг во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

