Македонија
Мицкоски: СДС и ДУИ на бегање спремаат епски криминал од 140 милиони евра во РЕК „Битола“
Се спрема епски криминал на бегање, повеќе од 140 милиони евра тендери се подготвуваат во РЕК Битола, околу 6 милијарди денари за увоз на јаглен и околу 3 милијарди денари со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола. Однапред ќе ви кажам дека тие две јавни набавки ќе ги добијат фирми кои ги знаете и кои се омилени фирми на неколкумина од власта, предводени од ДУИ и СДС, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека власта на бегање ќе распише тендер за набавка и увоз на јаглен од 6 милијарди денари што еднакво на 100 милиони евра и ќе доделат тендер за ископ на јаглен и јаловина на омилената фирма на еден конзул на една источна земја.
– Бидејќи се европски фронт ама не им смета да доделуваат вакви јавни набавки на конзули на источни земји кои имаат санкции од ЕУ во вредност од 40 милиони евра или со се ДДВ близу 50 милиони евра. Апелирам луѓето кои се во ЕЛЕМ, генералниот директор и вработените и во рудникот и во термоелектраната, лично за неколку месеци од денеска ќе се занимавам со овие две јавни набавки и јас им ветувам дека секој кој ќе стави потпис на оваа јавна набавка ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе одговара за тоа што го пљачка народот за да ги полни џебовите на малкумина кои се спремаат да бегаат после 8 мај, рече Мицкоки.
Тој потенцира дека има големо искуство и знаење во делот на енергетиката и точно знае што прават од власта и што подготвуваат да направат, како и тоа дека нема да им дозволи овој сиромашен народ дополнително да биде пљачкан од овие политички криминалци кои се во заминување.
– Апелирам и ги предупредувам раководните лица на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ и раководните лица на РЕК и сите оние кои ќе стават потпис на овие јавни набавки дека ќе одговараат за соучество. Да не дозволите малкумина кои ги полнат торбите со милиони народни пари и се подготвуваат за бегање после 8 мај, да ве стават вас и вашите семејства во проблем. Ова не е закана, ова е предупредување и ако се случи лично ќе се занимавам, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

