Македонија
Мицкоски: Се залагам за иднина во која државата нема да се проституира поради неспособни и уценети политичари

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук-профил објави статус во кој наведува дека тој се залага за иднина во која Македонија ќе ја водат принципиелни, чесни и, како што вели, луѓе од збор, а не аболирани политичари.
„Драги загрижени сејачи на магла, јас можам да ве разберам, ви наредиле и силно ве платиле капитулацијата да ја прикажувате како триумф, лагата како вистина, а неспособноста и немањето план како иднина или изолација“, наведува во објавата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум за иднина во која политичарите што бараат мито ќе одат во затвор, иднина во која брат политичар на брат бизнисмен нема да му дава бадијала парцели, милиони да млати на грбот на граѓаните, иднина во која нема да бидеме на дното на економскиот раст, реформите во судството, образованието, здравството и на социјалата, иднина во која криминалците нема да се амнестираат и позираат гордо сликани со политичарите од власта, иднина во која нема да се проституираме како народ и држава затоа што уценети и неспособни политичари се во владата, иднина во која нема министрите да си делат грантови и тендери на ‘шибицарски’ начин, а премиерот ќе им прости со стерилно образложение дека немало да ги смени затоа што немал со кого да работи, иднина во која моите студенти, наместо да се збогуваат со мене по одбраната на дипломската работа, ќе ме консултираат во која фабрика и кое работно место ќе го прифатат овде во нивната татковина, иднина во која нема мојата татковина да биде рекордер по бројот на мртви новороденчиња во Европа, иднина во која со моите синови гордо ќе ги читаме историските читанки и ќе си спомнуваме за херојските подвизи на Гоце, Даме, Јане, илинденците, Панко, Ченто, Павел, партизаните, но и на тие пред нив и тие после нив, а нема да ‘шупотеме’ тивко затоа што некој сакал да нè направи дрво без корен, народ без минато и традиција, држава без историја“, пишува Мицкоски на „Фејсбук“.
Притоа тој додава дека иако може уште долго да образложува за каква иднина се залага и работи, тоа сепак е битка на цела една генерација која треба да има цел да ги порази, како што вели, платениците и остатоците од транзицијата за да може да ѝ се раздени на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу промовираше нов модул за електронска евиденција на здравствени прегледи во областа на медицина на труд

Министерот за здравство, Азир Алиу на денешната прес-конференција го промовираше новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на труд. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Институт за медицина на труд и Здружението на лекари специјалисти по медицина на труд.
– Модулот овозможува електронска евиденција на здравствени прегледи кои досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизација на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавачи и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје, посочи Алиу.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот информираше дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем Мој термин, со која се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
-На овој начин, конечно ќе се овозможи интегрирање на дејноста медицина на труд во системот Мој термин преку регистрација на извршените здравствени прегледи, со што ќе се овозможи видливост и следење на нашите активности од областа на медицина на трудот. Посебно е значајно што нас како лекари специјалисти по медицина на труд ни се овозможува пристап до здравствените податоци за секое лице, псочи Бислимовска.
Жаклина Чагороска од Националниот електронски систем Мој термин информираше дека сите прегледи се вршат исклучиво во овластени здравствени установи, каде што лекарите се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
-Со секој преглед, автоматски се креира посебен здравствен картон за овој тип на евиденција. Понатаму, системот автоматски генерира лекарски извештај, кој содржи медицинско мислење, идентификувани состојби, препораки за вработениот и работодавачот, како и оценка на работната способност, рече Чагороска.
Процесот на дигитализација ќе продолжи во следниот период со креирање портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во апликацијата Мое здравје, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилност, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување, најавија од министерството.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС го зароби Обвинителството преку главниот обвинител Коцевски, не одговараат затоа што го држат на функција

СДС го зароби обвинителството преку главниот обвинител Коцевски, не одговараат затоа што го држат на функција. Главниот обвинител Коцевски е кукла во рацете на СДС, тој таа улога сам си ја избра во моментот кога не си поднесе сам оставка, и чекаше СДС да му дадат сламка за спас во Собранието, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Главниот обвинител Коцевски доби црвен картон во Собранието со изгласаната интерпелација, и наместо да покаже одговорност и да си поднесе оставка, тој избра по секоја цена да седи во удобната фотеља и да ги штити СДС од одговорност.
Главниот обвинител Коцевски не може да каже дека не знаел во каква игра влегол, ниту да каже дека бил наседнат, многу свесно ја презема улогата на заштитник на криминалите на СДС.
И сосема е јасно зошто година ипол нема ниту еден завршен случај за фукционери од СДС кои 7 години ја крадеа државата“.
Според него, штетата која главниот обвинител Коцевски и СДС ја прават врз правосудството е огромна, со уништување на секаква доверба и интегритет.
Македонија
Забрана за движење во шумите до крајот на август, за прекршителите казна до 2.000 евра: Владата ја продолжи кризната состојба од 30 дена

На владината седница е донесена одлука за продолжување на кризната состојба во рок од 30 дена.
Со ова продолжување, како што е појаснето во владиното соопштение, се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси, вклучително и човечки, технички, логистички, остануваат мобилизирани сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.
„Имено, поради висок ризик од шумски пожари во државата, апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 1.7.2025 година и ќе трае до 31.8.2025 година), во спротивно сите оние што не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување пожари, ќе бидат казнети со глоба од 1.500 до 2.000 евра“.