Македонија
Мицкоски: Следните избори се референдумско изјаснување во која насока ќе се движи и каква иднина ќе има Македонија
Сакам да укажам на важноста на моментот од кој произлезе и самиот наслов на оваа теренска активност, а тоа е „Важно е!“. Важно е од тебе, од вас зависат промените, важно е да се запали црвената сијаличка, веќе не сме 5 до 12, можеби е 12 и 30 и сега е вистинскиот момент да сите ние направиме нешто за иднината на нашата татковина Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на средба со граѓани во Миравци во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“
Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ преку оваа теренска активност го повикува секој еден граѓанин да не седи дома, да не остане надвор од процесот на промени туку директно да се вклучи и да влијае на промените.
– Ќе има многумина кои ќе сакаат да ве демотивираат, да ве обесхрабрат, ќе има многумина кои ќе ви велат дека „секако ВМРО-ДПМНЕ победува, до мојот ли глас дошло?“. До секој еден глас е дојдено, до секој еден човек е дојдено затоа што следните избори и претседателски и парламентарни се референдумско изјаснување во која насока ќе движи Македонија и каква иднина ќе има Македонија, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека прашањето е дали сакаме ваква предводена од СДС и ДУИ полна со криминал, корупција, политички криминалци кои наместо да гледаат за иднината на својот народ, гледаат само за сопствената иднина и џеб или иднина која ВМРО-ДПМНЕ ја ветува со јасен план за развој и економски просперитет.
– Дали иднината повторно ќе продолжи да ни биде онаква каква што изминативе години ја симболизира преку она што се симболизира преку она монструозно и грозоморно дејство на Клиниката за Онкологија, каде поединци на маката на луѓето печалеле или иднина која ние ја нудиме со јасен план и визија за едно модерно вистинско здравство кое ќе одговори на потребите на граѓаните, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски исто така додаде дали сакаме иднина каква имаме денеска кога нашите најмили, нашите деца и покрај тоа што помина месец и половина од почетокот на учебната година се уште немаат добиено учебници за да може наставниот процес да го следат внимателно и стекнат знаење, или иднина во која ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека има план, има визија и има стратегија како до вистинско образование.
– Како редовен професор на УКИМ знам која е маката на моите студенти и нема потажно кога 8 до 10 студенти на моето прашање како и каде понатаму ми даваат одговор некаде надвор, се чувствуваат обесправени, посочи тој.
Мицкоски истакна дека изборот е дали иднина каде што криминалот и корупцијата ќе бидат главен сврзен елемент во владата, тендерите во четири очи, богатењето на грбот на граѓаните или транспарентноста и отчетноста.
– Поминаа речиси две години од последните локални избори и јасно беше дека очекувањата не беа такви, но две години нема сомневање за сторен криминал и корупција на ниту еден човек од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека од друга страна во владата кај ДУИ и СДС гледаме на дневна основа. Затоа кога ви велат дека не зависи од вас, дека се е решено, дека попусто е, да застанете и да се борите до крајната цел, Македонија онаква за кава сонуваме и замислувавме. Не треба да престанеме да се бориме. Ако доволно силно се бориме ќе стигнеме до крајната цел и Македонија ќе биде она за кое секој сонуваше, модерна и европска развиена земја, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

