Македонија
Мицкоски: Сонот на бугарската државна политика е големо бугарска држава на грбот на Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната конференција на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, во својот говор потенцираше дека сонот на бугарската државна политика е големо бугарска држава на грбот на Македонија што секогаш било поддржано и од руските влијанија, овој диктат со кој не условуваат е продолжение на таа политика.
– Гледано низ историска призма борбата на секоја генерација на секој народ е да обезбеди и освои подобри и нови позиции нормално сето тоа е потребно за да има подобри влијанија за својата држава. Оваа генерација не само што не обезбедува нови победи и подобри позиции, туку ги губи и оние кои ги стекнале минатите наши генерации. Ние од постоење на Бледски договор потпишан 1947-та година кој се случил помеѓу тогашна комунистичка Бугарија и тогашната федерација во чија составен дел беше Народна Република Македонија, каде се разговара и договара признавање на културната автономија и идентитетска потврда на Македонците во Бугарија, стигнавме за само 7 децении подоцна до позиција на одрекување од Македонците во Бугарија, притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат и редица отстапки кои се во насока на себеодрекување, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека повторно по којзнае кој пат Европа е доведена во заблуда од стана на криминални политичари во Македонија и на Балканот исполнувајќи ги бугарските интереси за жал е заложник на руската политика на Балканот, додека Македонија и ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш во историјата биле и се стремеле и имале прозападна ориентација. Немало дилема од самото формирање до ден денешен.
– Ќе ве потсетам на Сан Стефано на договорот помеѓу тогашните министри за надворешни работи на Русија и на Отоманската империја, кога Русија и ја подарува денешна Македонија на тогашна Бугарија, која патем речено не била ни држава туку автономија во Османлиското царство. За наша среќа после со Берлинскиот конгрес овој договор е поништен. Не така одамна 1947 година во Блед е потпишан договор со кој Бугарија се обврзува да признае културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија, западна Бугарија тогашна и тоа го прави со дела. Повеќе од 70 учители од тогашна Народна Република Македонија која е рамноправна република во тогашната федерација ги учат нашите дечиња Македонци во Пиринска Македонија во Западна Бугарија. 1947 година е отворен Македонски народен театар каде имало претстави на македонски јазик. Македонскиот јазик бил факт и не бил оспоруван од никого, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека сето тоа потоа било отфрлено по налог на Сталин, а денес Тодор Живков да бил жив ќе бил сигурно многу горд и на Димитар Ковачевски и на Бујар Османи, можеби ќе биле најблагонадежните Бугари, затоа што дури ни бугарското раководство не можеше да замисли дека некој може да стави потпис на таков договор.
Мојата порака до меѓународната заедница е да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. ВМРО-ДПМНЕ додека јас сум претседател нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат како што сега е ставен во парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

