Македонија
Мицкоски: Суштината е во тоа да нѐ оценуваат за реформите, а не според билатералните прашања и спорови
Суштината е во тоа да нѐ оценуваат за реформите, а не според билатералните прашања и спорови, изјави премиерот Христијан Мицкоски, по Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст што се одржува во Тирана, Албанија.
„Доволно долго сме во овој процес повеќе од 25 години, 20 години откако сме земја кандидат и навистина тоа што ние го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок кој што претходно е воспоставен и да прерасне како правило. Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање, дали има омекнување во ставовите на европјаните, Мицкоски вели дека повеќе е концентриран на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план.
„Па зависи во кој дел. Јас повеќе сум концентриран овде на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план. Оние чекори кои што останаа во грејс период, а кои што претходно не беа испорачани, поради паузата за локалните избори, ние веднаш после завршувањето на локалните избори се фативме за работа и жестока испорака и до крајот на годината очекувам најмалку 8, а можеби и 10 од 12 неисполнети чекори, да бидат реализирани. Остануваат 2 проблематични. Првиот е субвенцијата за електричната енергија која што Владата преку своите механизми ја овозможува за граѓаните, бидејќи цениме дека доколку тоа не се случи, сметките за електрична енергија на граѓаните ќе се поскапат за најмалку 35, 40 проценти. И тој чекор рековме не можеме да го исполниме и нема да го исполниме во овој момент. И вториот е адаптацијата на Изборниот законик. Знаете таму какви политички гимнастики се случуваат во парламентот и тој е еден од оние закони во кои што пратениците можат да прават филибастеринг во рамките на парламентот. Така што се останато, останатите 10 за нас се реалност и мислам дека ќе успееме во рамките на крајот на оваа година или евентуално во првите 2 недели од следната година да го испорачаме тоа“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

