Македонија
Мицкоски: Тие го селат капиталот, ама им порачувам дека ќе одговара секој кој се огрешил
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од завршниот собир на партијата за овие предвремени парламентарни избори на 15 јули порача дека противникот, СДСМ, паѓа затоа што лажеше. Мицкоски рече дека гласот за Игор Јанушев во ИЕ 3 е и глас за Македонија, а овие избори се крстосница на која одлучуваме за нашата иднина, за Македонија.
„Ова не е обична кампања, ова се избори за тоа каква Македонија сакаме да имаме, друга татковина немаме. А тие имаат, си го селат капиталот затоа ќе им порачам нема компромиси со правдата. Пред законот ќе одговара секој што се огрешил“, рече Мицкоски.
Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ по 16 јули ќе изгради силна држава во која власта ќе работи за народот, најави дека следат промени кои ќе донесат обнова.
„Сега што имаме? Имаме трас-трас судски одлуки, не е живот кога првите луѓе од власта прават рекет, ова е битка на правдата против неправдата. На овие избори ве молам добро да размислите, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е за подобро утре и обнова. Од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат со истото. Нема идеална влада, но ви давам збор ќе работиме. Коцкање е кога му давате шанса на оној кој ве разочарал, не верувајте на нивната пропаганда да зборат за минатото, со тоа сакаат да избегаат од нивните грешки“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев и СДСМ остануваат во минатото и се осврна на она што следи.
„Денес е надојден Вардар ги носи сите злодела, корупцијата… Многу луѓе ни приоѓаат, а јас сакам да кажам дека вратите се отворени на ВМРО-ДПМНЕ за сите. По победата мора да си ја обновиме земјата, не смееме да се помириме со просечноста. Се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе повеќе пристоен живот, повисоки плати, повисоки пензии, ќе донесе време во кое земјоделците ќе имаат достоинството, пред бизнисмените се обврзувам дека ќе има услови за бизнис, ветувам општество во кое ќе има право и правда. Не смееме да дозволиме криминалците да поминат неказнети“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака до оние кои се разочарани од политичарите дека не се сите исти.
„Ние сме различни, а ова е последна шанса за спас на Македонија. Да го сопреме губењето на Македонија, затоа гласајте за Македонија, гласајте за број 14. Сега е важно да се слушне вашиот глас. Овој период на кампањата беше моја борба за сите, за Македонија. По 16 јули продолжувам да се борам за Македонија“, порача на крајот во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

