Македонија
Мицкоски ја води кампањата на Силјановска, без план за иднината и без понуда пред граѓаните
Мицкоски ја води кампањата на Силјановска и таа е целосно маргинализирана, велат во соопштение од СДСМ.
– Зборуваат дека ја ценат како почитувана професорка, а Гордана нема програма, нема понуда пред граѓаните а нема ниту кампања. Мицкоски и ја води кампањата, со обвинувања, без план за иднината и без понуда пред граѓаните. Ова е уште една потврда дека Силјановска е сосема под контрола на ДПМНЕ, реприза на Ѓорѓе Иванов. На граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник, велат од СДСМ.
Оттаму порачуваат дека „на граѓаните не им треба уште една катастрофа како во Скопје“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..
Македонија
Пендаровски: Не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама е договорена од 27 држави – ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме
Во вечерашниот телевизиски дуел помеѓу двата претседателски кандидати, Пендаровски се осврна на неговиот концепт за напредок на државата, за кој, како што рече е победнички. Притоа нагласи дека се исполнети трите столба од неговата предизборна програма од 2019 година.
„Клучните столбови на мојата програма во 2019 година беа влез во НАТО, отворање на преговори со ЕУ и стабилни меѓуетнички односи – триаголникот на успехот и стабилноста, просперитетот на државата, тоа сум тврдел и ќе тврдам. Ако ова не е остварено кажете ми – членка на НАТО, почнати преговори и меѓуетнички односи кои не се идеални, меѓутоа се далеку од она што беше во времето на режимот“, рече Пендаровски.
И програмата за работа во вториот мандат, продолжи Пендаровски е заснована на реални основи, а не на фикции.
„Јас не тврдам дека оние кои го потпишале Преспанскиот договор треба да завршат во затвор и дека треба да бидат кривично одговорни. Јас тврдам дека тоа е добар договор кој ги штити македонските национални интереси. Госпоѓата тврди спротивно. Таа денес вели добро е што влеговме во НАТО, имаме гарантор на безбедноста, ама пред три-четири години во интервјуа вели треба кривично да бидат гонети тие луѓе. Јас не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама имаме проблем со другите аспекти. Европската преговарачка рамка е договорена од Европа, од 27 држави и ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме“, додаде Пендаровски.
На прашањето зошто граѓаните да го дадат својот глас за него, Пендаровски упати јавен повик до сите граѓани кои ги поддржуваа кандидатите кои испаднаа во првиот круг и до оние кои воопшто не учествуваа во првиот круг, да гласаат за неговиот концепт доколку се препознаат во него.
Во однос на партиската и граѓанската поддршка, тој посочи дека во трката за нов претседател на државата, обајцата велат дека ќе бидат независни од кои било центри на политичка и економска моќ и притоа собирале граѓански потписи за да покажат дека имаат сила, граѓанска компонента за претседателската кандидатура.
„Госпоѓата Силјановска ги отфрли тие 20 и нешто илјади потписи колку и да беа и отиде само со потписи на пратениците. Сосема е логично партискиот лидер кој ја предложи за кандидатурата, да договара поддршка со другите партиски лидери за неа во вториот круг. Бидејќи не е граѓански поддржана, туку од партиите, логично е дека партискиот лидер ги прави тие меѓупартиски, меѓулидерски договарања“, истакна Пендаровски.